ДИЦ: Државната матура ќе полагаат 15 620 ученици

42

Оваа учебна година за државната матура се пријавиле 15 620 ученици. Од нив 6 750 од гимназиско образование, 8 598 од средно стручно образование и 272 од средно уметничко образование, информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ).

Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење учениците екстерно полагаат два предмети, два интерно и проектна задача. Задолжителен испит за сите е мајчиниот јазик.

Првиот екстерен предмет, мајчиниот јазик, се реализира утре.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.768 кандидати, албански јазик и литература 4.380, а 357 турски јазик и литература.

На 10 јуни во сите средни училишта ќе се полага вториот екстерен предмет. Матурантите од гимназиско образование и од средно стручно образование избираат помеѓу странски јазик и математика, а од музичките училишта помеѓу естетика и странски јазик, а од средното уметничко училиште помеѓу филозофија и странски јазик.

-Како и секоја и оваа година најмногу матуранти избрале да полагаат англиски јазик и тоа 13.922. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите странски јазици е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 29 кандидати, Германски јазик 122, а Руски јазик само 17 кандидати. Математика оваа година ќе полагаат 1.397 кандидати, Филозофија 7 и Естетика 81 кандидат, информираат од ДИЦ.

Оттаму посочуваат дека испитниот материјал се доставува во училиштата и се враќа во ДИЦ истиот ден кога се реализира испитот. Сите испити почнуваат во 10 часот.

-Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции. На сите матуранти им посакуваме успешно да ги положат испитите, се наведува во соопштението од Државниот испитен центар.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content