Денеска е Балаклија: Ова се адетите за здравје на првиот петок по Велигден, празник на мајката божја
Првиот петок по Велигден е Источен петок – Балаклија.
Источен петок, се вика уште и Извор на лекувањето, бидејќи тој ден верниците одат до најблискиот извор и се измиваат поради лекување од многу болести. Овој ден е посветен на прославувањето на Пресвета Богородица која на тој ден со богослужењето се нарекува Живоносен источник.
Востановувањето на овој празник се случил во храмот крај еден извор блиску до Цариград, кој се викал „Животоносен источник“, кој го подигнал царот Лав Велики (V век). Според преданието, во една прилика додека уште не бил цар во Византија во шумата пронашол слеп човек кого го одвел до изворот го напоил и слепиот прогледал. Кога станал цар, на местото каде што ова се случило изградил храм во знак на благодарност кон Пресвета Богородица, а народот веднаш почнал да пристигнува од сите страни барајќи и наоѓајќи лек за многу болести.
Обичај е во зорите да одите до најблискиот извор или поточе каде може да се измиете и да се напиете вода, да наберете цвеќе и весели да се вратите дома дури доцна вечерта.
Денешниот празник, како слава некаде го прославуваат сопствениците на ресторани, жените не работат потешки работи, а во некои села се бојадисуваат јајца исто како за Велигден, само што овојпат им се наменети на мртвите.
FacebookTwitterCopy LinkShare