Две минимални плати не можат да ги покријат основните животни трошоци

64

Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за околу осум илјади денари.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ниту просечна, ниту две минимални плати, се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница. Анализите на ССМ покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат.

Најмногу пари, според пресметките на ССМ, се трошат за храна и пијалоци (14.633 денари) и за плаќање на режиските трошоци (10.818 денари). За лична хигиена, минималните трошоци изнесуваат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари.

Посебен товар за граѓаните е и почетокот на учебната година. Минимално за ова, според ССМ, би се потрошиле осум илјади денари само за еден ученик.

Пораст на трошоците на живот евидентира и Државниот завод за статистика. Според објавените податоци за август, пораст е забележан кај зеленчукот за околу 15 проценти, кај сирењето и урдата за 1,1 процент, кај месото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,7 проценти и кај млекото за 0,6 проценти.

Од ресорното Министерство за труд и социјална политика, пак, укажуваат дека во изминатиот период се бележи пораст на платите во државата. Повикувајќи се на официјалните статистички податоци за јули годинава посочуваат дека нето платата е зголемена за 1.309 денари во однос на јули минатата година.

Во однос на предлогот на ССМ да не се зема предвид негативниот пораст на БДП при усогласувањето на минималната плата, од МТСП појаснуваат дека во законот се утврдени критериуми за корекција и оти какво и да било менување на овие критериуми, мора да биде разгледано во рамки на социјалниот дијалог.

Минималната плата во земјава изнесува 15.194 денари во нето износ. Ново усогласување се очекува во март следната година. При усогласувањето предвид се земаат три параметри – една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content