Граѓаните утре ќе им кажат НЕ на маркетите поради високите цени. По повиците на социјалните мрежи да не се пазарува во маркетите, КУРИР излезе на терен и ги праша граѓаните дали ќе го поддржат утрешниот бојкот. Тие едногласни: ДА за бојкот!
-Го оправдувам и ќе бојкотирам. Го поддржувам! Заедно со инспекциите и надлежните ќе се постигне ефект…, се само дел од коментарите на граѓаните.
Надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција.
Премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
– Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, вели премиерот.
Ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените, наведе Мицкоски.
Јавниот повик за бојкот е поддржан и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, како и од занаетчиската комора која ги повикува граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии, информираа денеска од ЗКРСМ.
Поддршка за бојкотот дадоа и двете најголеми македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
И Партијата на пензионери вчера излезе со соопштение во кое ги повика своите членови да дадат поддршка на најавената акција за бојкот.