Голем дефект – не работат картичките од сите банки во цела Македонија, но и во странство, вадење пари само на шалтер
Според информациите на А1он оневозможено е плаќање и било какви трансакции со кредитните картички на територијата на цела Македонија. Не функционира ниту вадењето пари од банкомат. Единствена можност е вадење пари директно од шалтерите на банките.
Успеавме да добиеме потврда за ова од неколку маркети и продавници низ цела држава, но и од страна на неколку банки.
Од контакт центарот на Комерцијална банка добивме информација дека во моментов не функционираат македонските картички ниту во странство.
Ова особено може да биде проблем бидејќи во тек се летните одмори и многу македонци се во странство, каде се ослонуваат на своите кредитни картички за било какви плаќања.
Според информациите кои ги добивме се работи за сериозен дефект, односно изгубена е врската со главниот провајдер. Се очекува проблемот брзо да биде надминат, но засега нема најави кога тоа може да се очекува.