Годината што изминува неповолна за текстилниот сектор

39

Намалување на договорите со странските партнери и намалување на бројот на вработени бележи текстилната индустрија. Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и менаџер на познатата светиниколска конфекција „Мода“, годината што изминува е неповолна за текстилниот сектор.

Димитров за МИА посочува дека причина за намалување на склучените договори со странските партнери е економската криза во нивните земји, особено во Германија, којашто е еден од најголемите трговски партнери на државава.

Посочува дека во моментот се затвараат помали текстилни конфекции, кои досега земале работа од поголемите, а кои, пак, имале сигурни договори со странските партнери.

-По информациите што ги имам, во четири конфекции им е најавено на работниците дека по Нова година нема да можат да продолжат со работат. Една од нив е малку поголема, а останатите три се помали конфекции, вели Димитров.

И Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вчера потврди дека клуч на врата ставиле четири штипски конфекции со 130 работници. Причина за нивното затворање е немањето налози од странските партнери, а дел од брендовите си заминале, односно своето производство го преселиле во Египет, Мароко или во други земји. Таа посочи дека во една од конфекциите работниците потпишале спогодби со работодавачот, наместо да не потпишат ништо, со што би имале право на отпремнина и се она што им следува согласно Законот за работни односи.

-Во останатите фирми, за жал, имаше примери каде што работодавачите сметаа дека така ќе ги затворат фирмите. Една од нив должеше една плата, другите должеа две плати. Мислеа дека така ќе си поминат и ќе ги затворат фирмите. Меѓутоа ние тоа навремено го стопиравме тоа. Благодарение на двете инспекторки од областа на трудот од Штип, платите се исплатени, рече Ампева.

– Останува проблем за оние работници кои се постари, пред пензија, кои потешко се вработуваат, за разлика од помладите работници, кои мислам дека лесно ќе најдат работа, а особено што и компаниите во ТИРЗ бараат работници. Тие имаат зголемена потреба од работници, и оваа новата инвестиција на канадската компанија во ТИРЗ во Штип, што ќе се отвори идната година. Така што сметам дека за помладите работници ќе нема никаков проблем за нивно вработување на друго место, вели Димитров.

Според него, војната во Израел влијаела дел од странските партнери да не го префрлат своето производство во Египет и Мароко, но, како што вели, странските компании бараат земји со млади работници и со поевтина работна сила. Голем дел од брендовите, додава Димитров, своето производство го преселиле во Бангладеш.

– И оние што работат кај нас, во исто време бараат нови капацитети како на пример во државите на Далечниот исток затоа што знаат дека ние на долг рок ја губиме битката со работници во овој сектор, вели Димитров.

Текстилниот сектор не е повеќе атрактивен за младите, иако платите во оваа индустрија се зголемени и се движат од 25.000 денари нагоре. Само на мал број работници кои не можат да ја фатат нормата, им се исплаќа минимална плата.

– Мислам дека околу 3.000 работници се намалени во однос на претходните години и тој тренд, за жал, продолжува заради немањето интерес кај младите да работат во овој сектор. Така што работната сила старее, за оние кои заминуваат во пензија, тешко да се најде замена, оние кои се јавуваат во Агенцијата за вработување, не прифаќаат преквалификации, посочува Димитров.

Тој во разговор за МИА предвидува дека овој процес ќе продолжи и следната година, но како што вели, не со толкав интензитет.

Просечната плата во текстилниот сектор се движи од 27.000 до 28.000 денари, а следната година треба да има ново зголемување на минималната плата.

Според Димитров, зголемувањето на минималната плата нема да биде толку голем проблем за приватниот сектор, колку што ќе биде проблем зголемување на платите за добрите и вредни работници во овој сектор, кои, како што вели, треба да земаат многу повеќе од 30.000 денари.

Според неговите анализи, бројот на работници во текстилната индустрија се движи околу 28.000. Најголем дел од нив се вработени во конфекции во Штип и источниот регион.

Поради недостаток на работници, годинава за првпат во овој сектор имаше и увоз на странски работници. Токму ова, Димитров го најави и во видео интервјуто за МИА објавено во март годинава.

– Факт е дека секојдневно многу агенции, дури и една државна агенција на Непал, им праќаа понуди на нашите конфекции за увоз на работници. Така што мислам дека во другите сектори, особено во градежништвото, тој број е многу поголем за разлика од текстилната индустрија. Текстилците најверојатно анализираат, планираат што да прават, бидејќи и барањата на овие работници, особено со додатните трошоци, со обезбедување на сместување и исхрана, се доста големи, а мислам дека најголем проблем е огромната процедура, која ги одвраќа работодавачите да почнат таква постапка, вели Димитров.

Тој се надева дека со централната власт од наредната година ќе можат да разговараат за олеснување на бирократските процедури за увоз на странски работници.

Димитров очекува следната година за текстилниот сектор да биде слична како и 2023 година. Сепак е оптимист и не очекува нагло намалување на бројот на работници во текстилните компании.

-Очекувам тоа да биде постепено и како што реков со заминување на постарите работници во пензија, со дел од пренасочување на капиталот од работодавачите, основачите на компаниите во одредени други сектори, каде што нема потреба од толкав голем број на работници. Така што во целата наша индустрија очекувам да има одредено намалување на бројот на работниците, што ќе донесе дополнителни проблеми во нашите фондови за здравство и пензинско осигурување, потенцира Димитров.

Излезот од ваквата ситуација го гледа во реформите, меѓу кои намалување на бројот на вработени во државната администрација и намалувања за сите јавни трошења, за да со намалените приходи од реалниот сектор, адекватно се намалат и трошоците во државниот буџет.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content