Ќерка на царот Конста. По смртта на татко ѝ живееше со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Света Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава.
Кога злочестивиот цар Максенциј им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја изобличи неговата идолопоклоничка заблуда. Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат.
Но, Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на Света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица (августа-василиса). Сите пострадаа за Христа.
При мачењето на Света Екатерина ѝ се јави ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв. Чудотворните мошти на Света Екатерина почиваат на Синај.
Светиот великомаченик Меркуриј
Кога царот Декиј еднаш војуваше против варварите, во неговата војска имаше еден војвода над ерменскиот полк наречен Мартензес. Тој војвода се викаше Меркуриј. Во борбата на Меркуриј му се јави ангел Божји, му даде меч во рацете и му рече дека тој ќе ги победи непријателите. И навистина, Меркуриј покажа чудо од храброст косејќи ги непријателите како трева.
По оваа славна победа царот Декиј го произведе за прв војвода во својата војска. Но некои завидливи луѓе го обвинија Меркуриј дека е христијанин, а тој ова пред царот не го скри туку го објави. Беше мачен долго и тешко: од него со ножеви сечеа каиши, го гореа со оган. Но во затворот му се јави ангел Божји и го исцели.
Најпосле царот изрече пресуда војводата Меркуриј да се убие со меч во Кападокија. Кога го убија телото му стана бело како снег и од него излегуваше мирис на темјан. Од неговите чудотворни мошти се исцелија многумина болни. Овој прекрасен Христов војник пострада меѓу 251 и 259 година.