Коалицијата ВРЕДИ смета дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
Филипче синоќа на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.
– После најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, кое очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ, се наведува во коалицискиот став на ВРЕДИ испратен до медиумите.
Претходно денеска од Владата посочија дека кај нив нема стасано официјално барање за лидерска средба, ниту пак иницијатива од СДСМ, но дека Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне.