Вработен во ЈСП приведен за пријавената бомба во автобус на ЈСП

99

Едно лице е приведено под сомнение дека е испраќачот на пораката дека во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие има бомба. Од ЈСП соопштија дека од утринава, по налог на МВР, сите возила се повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од возилата. Екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка. Во главниот град утрово е хаос поради јавниот превоз, нема автобуси, а се доцни и за на работа и за во училиште.

„Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР. ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“, велат од ЈСП.

За денеска на пладне е закажан протестот на вработените во ЈСП заради неисплатената септемвриска плата.

„Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од денеска,12 часот ќе почне со протест пред Влада сѐ до подмирување на долговите кон ЈСП”, соопшти вчера генереланиот секретар при Град Скопје, Зоран Глигоров.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека автобусите на ЈСП ќе се постават пред сите институции и ќе блокираат сообраќај, сѐ додека државата не го исплати долгот кој го има кон ЈСП.

Од Владата вчера соопштија дека немаат долг кон ЈСП – Скопје.

„Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза”, соопштија вчера од Владата.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content