Во февруари годинава без плата останале околу 12.500 вработени, а за март околу 32 илјади лица, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи кои денес беа споделени на брифинг со новинарите. Од нив, за дел работодавците поднеле обрасци за пресметка на плата која што не ја исплатиле, а за дел до УЈП воопшто не биле поднесени соодветните документи за пресметка на плата.
Во февруари обрасци за пресметка на плата не доставиле 5.136 работодавци за 7.565 вработени лица, а во март 5.716 работодавци за 11.612 вработени лица.
Од УЈП прецизираа дека во февруари обврска за доставување обрасци за пресметка за исплата на плати имале вкупно 69.059 работодавци за 554.237 вработени лица. Од нив 61.520 работодавци ја платиле пресметката, односно во законскиот рок платиле 46.584, а не ја платиле 2.403 работодавци за 4.991 вработено лице.
Во март, обврска имале 69.156 работодавци за 555.161 вработено лице при што пресметка платиле 56.073 работодавци за 523.186 вработени лица. Во истиот месец пресметка не платиле 7.367 работодавци за 20.363 вработени лица, иако поднеле соодветни обрасци до УЈП.
Рокот за оваа обврска за платите за месец март истекол на 26 април.
„Сите мерки за февруарската плата ги имаме преземено, а сега течат одредени рокови за мартовската плата“, посочуваат од УЈП и додаваат дека очекуваат да се намали бројката на оние кои не ги исполниле обврските.
На прашањето дали станува збор за истите фирми, од УЈП велат дека немаат таква анализа, но дека веројатноста е голема да има одредено преклопување.
Во продолжение е споредба на платени МПИН пресметки во законскиот рок (односно до 15-ти во месецот за претходниот месец) за месеците февруари и март 2022 и 2023 година.
Рокот за поднесување на МПИН пресметки до УЈП е до 10 во тековниот месец за претходниот, а рокот за плаќање по истите е до 15-ти во месецот за претходниот месец.
Фирмите кои не ги исполнуваат обврските, прво се соочуваат со опомена, а потоа со блокада, појаснија од УЈП.