Местата на избраните градоначалници во Собранието треба да ги заземат следните кандидати на листата на политичките партии.
Тоа е договорено на денешната редовна координација на Џафери со претставници на политичките партии.На локалните избори за градоначалници се избрани Костадин Костадинов од СДСМ, Дарко Костовски, Тимчо Муцински, Иван Јорданов и Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Биљал Касами од БЕСА.
Од Собранието информираат исто така дека премиерот Зоран Заев се уште на ја доставил оставката до законодавниот дом. На денешната координатива средба кај Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.