Во прилепско Небрегово одбележани 101 година од раѓањето на Блаже Конески (Фото)

44

По повод 101 година од раѓањето на кодификаторот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, делегација од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, претставници од НУ Завод и Музеј – Прилеп и ученици од основните училишта од Прилеп, ја посетија родната куќа на Конески во селото Небрегово.

„Со посетата на спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово се вклучуваме во одбележувањето и чествувањето на 101 година од раѓањето на великанот на македонската култура, јазик и книжевност. Нашиот Блаже Конески бил првиот претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ и добитник на многубројни награди низ светот. Поетската мисла на Конески е преведена на многу светски јазици и е најголем амбасадор на македонската книжевност ширум светот. Затоа изразувајќи ја мојата длабока почит како градоначалник на општина Прилеп од каде што се корените на Блаже Конески испраќам порака дека неговиот аманет не задолжува да го чуваме и негуваме македонскиот јазик затоа што како што кажал Конески „Тој е нашата единствена татковина“, истакна градоначалникот Борче Јовчески.

Родната куќа на Блаже Конески претставува значаен споменик на македонската културата и припаѓа на руралната архитектура, посочија претставниците од НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп во рамките на краткото излагање поврзано со животот на Конески, а учениците пред присутните одржаа пригодна програма, посветена на македонскиот книжевен, културен работник, академик, поет и есеист, книжевен историчар, филолог и професор на Филозофскиот факултет, Блаже Конески, роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово.

По повод годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, ООУ „Блаже Конески“ му одаде почит и го одбележа својот патрон празник со пригодна програма во училиштето подготвена од директорката, наставниците и учениците и со положување на цвеќе пред бистата на Конески поставена во холот на училиштето.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content