Воздухопловите власти отвораат истрага за сериозен инцидент помеѓу два авиона на скопското небо

113

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти отвора истрага за сериозен инцидент за случајот од 7 септември со авионите на „Туркиш Ерлајнс“ и „Санекспрес“ на небото над Скопје. Според официјалната терминологија во воздухопловството, за сериозен инцидент се смета кога би можело да дојде до сериозно нарушување на воздухопловниот сообраќај, било да е во воздух или на земја.

Инцидент испитува Агенцијата за цивилно воздухопловсто (АЦВ), а сериозен инцидент испитува Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Претседателот на Комитетот Зоран Илиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека е отворена истрага за сериозен инцидент, согласно уредбата за истраги која што е усогласена со светските и европски гранки во цивилното воздухопловство.

Според сајтот за следење летови Флајтрадар24, авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот. Станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од турскиот крајбрежен аеродром Даламан за Лондон – Гетвик.

Според Флајтрадар24, 30 секунди пред да се разминат двата авиона биле на иста висина од 36.000 стапки. Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36.325 стапки, а другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална далечина.

Нејасно е зошто двата авиона се нашле на иста висина во исто време, односно дали станува збор за инструкции на контролата за летање или е грешка на пилот.

Вчера, од АЦВ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека постапуваат по наводите дека за малку ќе се судреле двата авиона. Како што објаснуваат воздухопловните власти, тие мора да постапат по ваквите наводи. Според процедурата, првично известува М-НАВ, кој што е задолжен за контролата на летање, а потоа и АЦВ испитува дали станува збор за инцидент или за сериозен инцидент. Ако е, не дај боже, сериозен инцидент, се вклучува и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Од М-НАВ денеска соопштија дека поднеле пријава за безбедносен настан во пропишаниот рок и дека отворена истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот.

„На 7 септември во 18:30 часот поднесена е пријава за безбедносен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од одделението ИМС (Integrated Management Systems) е отворена истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, се вели во соопштението на М-НАВ.

„Санекспрес“ е турско-германска компанија со седиште во Анталија. Во инцидентот бил вклучен авион Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта. Авионот на „Туркиш Ерлајнс“ бил Ербас А321нео, со капацитет од 190 седишта.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content