Данска ќе воспостави задолжителна воена служба за припадничките на понежниот пол една година пред првичниот план – од 1 јули 2025 година, потврди министерот за одбрана, Троелс Лунд Поулсен.
Досега, жените во данската војска можеа да учествуваат само на доброволна база, додека мажите се обврзани да служат доколку бидат избрани преку систем на лотарија, кој се користи во случај на недостаток на волонтери.
“Поради моменталната безбедносна ситуација, вооружените сили мора да привлечат повеќе регрути”, рече Поулсен.
Воведувањето на обврската за жените е договорено во координација со мнозинството парламентарни партии, а новите прописи предвидуваат подолг период на служба – наместо досегашните четири месеци, службата ќе трае 11 месеци.
“Ова е важен чекор напред кон целосна рамноправност меѓу жените и мажите”, рече данскиот министер, како што пренесува „Дифенс пост“.
Годишната „лотарија“ ќе продолжи да се користи, но само ако нема доволно волонтери во дадена година.
Данска во февруари објави дека во периодот 2026-2027 година ќе инвестира дополнителни 6,8 милијарди евра во одбраната, откако претходната година веќе го зголеми буџетот за одбрана за 5,4 милијарди.
Со овој чекор, државата се приклучи на Норвешка, првата членка на НАТО која во 2015 година воведе задолжителна воена служба за жените, и Шведска, која го врати воениот рок во 2017 година, исто така проширувајќи го и на женската популација.