Гравот е најчесто од Казахстан и Киргистан, доматите, краставиците, кромидот од Албанија, житото и компирот од Србија, лукот од Кина… Вакво е „менито“, односно, избор на земјоделски производи од кои наназад со години македонски граѓани го готват она што го јадат во своите домови. Каде се македонските земјоделски производи? Не се посадени или се посадени во мали количини. Се помалку има тетовски грав, скопски јабучар – патлиџан, преспански јаболки, кочански ориз, струмички пиперки, беровски компир… кои веќе како да исчезнуваат од македонското земјоделство. Се помалку има насади со овие земјоделски култури, има се помал број на активни земјоделци.
Така е со години бидејќи оние кои се дебело платени да се грижат за земјоделството го оставија полека да пропаѓа. На земјоделците ретко им се гарантира откупот, ги оставаат на милост и немилост на прекупците, цените варираат на ѓубривото, репроматеријалите, водата…
-Се се запусти. Со земјоделие се занимавам 35 години и се е полошо. Дојдете во нашето село Корешница па да видите како е запустен системот за наводнување, во каков распад е. Државата 20 години ништо не направи ниту ќе направи. Ни се запусти лозарството, откупните цени ни ги диктираат винариите како што тоа ним им одговара. Како да ти се исплати да работиш кога пестицидите и ѓубривата поскапуваат и преку 100 отсто, а земјоделски цени се 20 години речиси исти, со мали покачувања, ни вели Стојанче Богдановиќ земјоделец од ова демиркаписко село.
Се обработува само половина од почвата
Сето ова го потврдуваат и бројките коишто секоја година ги покажува статистиката. Само во ланската 2023 година нашата држава потрошила цели 975,8 милиони евра за увоз на храна и на живи животни. Во 2014 за истата цел биле дадени 517,8 милиони евра, односно 458 милиони евра помалку од лани. Фрапира податокот дека за последнава деценија Македонија за увоз на храна потрошила 6,67 милијарди евра. Колку е тоа, најдобро може да се спореди со извозот на македонскиот зеленчук кој ланската година изнесувал само 95,1 милион евра и бил за 14 милиони евра повеќе отколку преклани. Односно, извозот покрил само околу 10 проценти од увозот на храната таа година.
-Она што го произведувам на сопствената нива како зеленчук е малку и брзо го продавам. Потоа, купувам на Кванташки каде доаѓа увезениот зеленчук од Албанија, Турција, Србија па го продавам. Муштериите веќе знаат дека се помалку има домашен, бараат такви продавачи на пазарот кои нудат свое производство, но се помалку ги има, ни вели продавачка на скопското Зелено пазарче.
Така е и заради тоа што во Македонија се помалку се обработува земјата. Преклани, од вкупна обработлива површина од 514.436 хектари засеани биле 275.297 хектари, а што е само 53 проценти од достапното земјоделско земјштето. А пред три децении во Македонија се обработувале и до 660 000 хектари земја, што зборува дека сега имаме скоро 150.000 хектари помалку обработливи површини. Очигледно, тие површини станале нешто друго, најверојатно пренаменети за изградба на згради, стопански објекти или, пак, од неодамна за поставување на фотоволтаици.
Ако во 2016 сме произведувале 306.000 тони пченица, преклани само околу 224.000 тони. Годинава одвај се откупени околу 15.000 тони тутун, а во поранешните години имаше повеќе од 20.000 тони.
–Eдно време Македонија ја хранеше Србија од земјоделие. Сега се увезуваме. Господ дал сонце, дал вода, треба да се работи, но џабе. Никој не работи. Затоа се скапи земјоделските производи. Се е увозно, ни вели Ѓорѓе Белчев.
Наспроти ова, само преклани извозот на албански земјоделски производи во Македонија порасна за 37,2 отсто вредносно и 32 отсто по количество!?
Политичарите им доаѓаат само за избори
Властите многу малку направија кога е во прашање зачувувањето на земјоделското производство. Давањето на субвенциите речиси како да беше единствена мерка со која нешто им се помагаше на земјоделците. Од 2007 година, откако беа воведени, до сега од државниот буџет се исплатени повеќе од 1,5 милијарда како помош на земјоделците. Сега, просечно, годишно се исплаќаат од 100 до 130 милиони евра, но и покрај тоа нема значителен пораст на земјоделското производство. Од време на време на земјоделците им се дава „зелена нафта“ по намалена цена, но и тоа не е доволно. Така неподготвена Македонија не ја искористи шансата кога поради војната во Украина имаше значителен недостиг на храна во светот за да се наметне како земја-произведувач. Наместо тоа, македонските граѓани ги трпеа сите последици од кризата преку драстично поскапување на цените на пченицата, лебот, маслото и бројни други земјоделски производи.
Сега се најавуваат промени во начинот на исплатата на субвенциите и новното авансно давање за да ги користат земјоделците пред сеидбите. Но, прашање е колку тоа ќе помогне ако нема добар план и стратегија. Клучен проблем за земјоделците е и пласманот на нивните производи, односно откупот и соодветна цена која за кусо време би била исплатувана на производителите. Со тоа би се одбегнало тие по цела година да чекаат на исплата на парите за предадените грозје, зелка, јаболки…
-Што е со цените, со откупот. Ако продолжи вака како до сега излез нема. Некој треба да стави ред. Не може земјоделецот се сам, не може сам да купи трактор кој чини 10.000 евра, вели Тоше Андонов, од светиниколскиот крај.
Посебен проблем, пак, се и ситните земјоделски парцели и потребата за нивното окрупнување.
-Земјата треба да им се дава на земјоделците кои знаат да работат. Треба да се даваат субвенции за нафта, за ѓубрива, да се гарантира откупот. Треба домаќински да се работи, а не со крадење, вели Ѓорѓе Белчев.
Ваквата ситуација ги тера и постоечките земјоделци да бараат други решенија за својот опстанок.
-Гледам дека не бива аир од земјоделие и веќе две и пол години имам фирма за надворешен транспорт како дополнителна дејност. Гласот на земјоделецот како никој да не го слуша. Ни доаѓаат само за избори, ветуваат за да седнат во фотељи. Еве, и сега се растрчуваат, ни се жали Стојанче Богдановиќ.
Ќе успее ли наредната власт значајно да ги промени кон подобро работите останува да се види. Ова мора да им е еден од главните приоритети.
Со зајакнување на селото ќе се врати животот во нив
Пред десетина години имало над 95.000 земјоделци апликанти за поддршките што МЗШВ ги имало во тоа време. Во 2023 година имаат аплицирано некаде околу 65.000 земјоделци. Тоа значи дека бројот на активните земјоделци се намалил за околу 30.000, а најголем дел од нив сега работат на некои земјоделски стопанства во западноевропските земји. Статистиката покажува дека во Македонија само 4 отсто од носителите на земјоделските стопанства се млади на возраст под 35 години, а најголем дел 62 отсто се постари од 55 години.
-Уште ние постарите се бориме да работиме, младите заминуваат, вели Стојанче Богдановиќ.
Овој процес на иселувањето и замирање на селата треба да се запре преку најразлични мерки кои треба да бидат предложени и применети веднаш по изборите.