Престојниот викенд, на 19 и 20 август, во Крушево по деветти пат ќе се одржи фестивалот на отворено „Крушево низ корија“, кој во своите содржини ќе опфати: кампување на Мечкин камен со сите придружни содржини: планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија, тандем летови со параглајдер, дегустација на крушевски специјалитети подготвени од здружението “Крушевска жена”, како и голема журка во Крушевската корија, низ која ќе не’ водат DJ SLAVE и ROOTBOY SELECTOR.
Фестивалот е во организација на Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево.
Велосипедската тура ќе се вози на 20.08. (недела) на три патеки:
Мала МТБ тура „Крушево низ корија„ – Турата е со должина од 15км и елевација од околу 300 метри…. категоризирана е како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност, препорачлива за секој рекреативец.
Средна МТБ тура „Крушево низ корија“ – Турата е со должина од 30 км и елевација од 700 метри… категоризирана како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.
Голема МТБ тура „Крушево низ корија“ – Турата е со должина од 40 км и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура.
Тандем летови со параглајдер ќе има во сабота и недела, 19 и 20.08, од 10.00ч – 19.30ч .
Планинарска тура во недела, 20 август, е со почеток во 10.00ч, и истата ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км.
Турата е класифицирана како средно тешка тура, која може да ја изоди секој од 7 до 77 години.
-Во 80% од патеката се движиме низ крушевската корија која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири св. Василиј и св. Спас (каде што ќе има пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење. Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости – стои во соопштението од организаторот од каде ги повикуваат сите вљубеници во природата да дојдат и да уживаат во убавините што ги нудат Крушево и крушевската корија.
Извор: МаркукулеМК.