Деновиве во јавноста се појави најлесниот Windows 11 досега, а го направи програмер со прекар NTDEV, кој претходно објави слични верзии за Windows 10.
Tiny11 е името на верзијата на оперативниот систем, базирана на актуелното издание на Windows 11 Pro 22H2, кое, според авторот, содржи се што ви треба за удобно корисничко искуство, без „bloatware“ и куп непотребни работи кои се дел од стандардна инсталација на Windows.
Рудиментарен Tiny11
За време на инсталацијата, Tiny11 бара само 8 GB простор на дискот, наместо повеќе од 20 GB, што е потребно за инсталирање на официјалната верзија. Користи само 2 GB работна меморија, а Tiny11 може да се инсталира на „чист“ компјутер или да се надгради на него од Windows 10. За време на инсталацијата, не бара модул за доверлива платформа или безбедно подигање, што обично предизвикува проблеми кај постарите компјутери кога преминуваат на 11.
Од она што остана во оваа верзија, се издвојуваат Windows Terminal, Microsoft Store, Calculator, Notepad и Paint. Го нема ниту прелистувачот Edge, кој неодамна стана речиси невозможно да се отстрани од матичниот оперативен систем. Можете да се најавите на Tiny11 со сметка на Microsoft или преку офлајн сметка, и тоа е сосема легално – сепак ви треба валиден клуч за регистрација за активирање.
Целосно соголена верзија на Windows 11 е достапна за преземање на оваа адреса, но бидете предупредени дека се уште е неофицијално издание, за кое нема гаранција дека ќе работи точно како што треба. За експериментални апликации или за оживување на послаб компјутер, Tiny11 би можел да биде добра опција.