(ВИДЕО) Доколку група земјоделци одлучат да формираат ЗЕМЈОДЕЛСКА ЗАДРУГА еве што треба прво да се направи
Земјоделските стопанства ја задржуваат правната форма која ја имале пред зачленувањето во земјоделската задруга и секако, постои можност едно земјоделско стопанство да членува во повеќе земјоделски задруги.
Постапката за основање на земјоделска задруга започнува со Иницијатива за здружување на земјоделските стопанства. Откако ќе се дефинира таа основа, треба да се изготви Статут на земјоделската задруга. Потоа, со тие документи и останатите изјави за основање од страна на основачките членови, потребно е да се изврши Упис на земјоделската задруга во Централниот регистар.
Земјоделската задруга добива право на поддршка откако ќе се запише во Регистарот на земјоделски задруги во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со придружна документација: Решението за упис од Централниот регистар и статутот на земјоделската задруга. Ако земјоделската задруга ги исполнува условите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува решение за упис во Регистарот во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во Регистарот.
Земјоделските задруги формирани и запишани во Регистарот на земјоделски задруги согласно одредбите на Законот за земјоделски задруги имаат право на финансиска поддршка преку програмите за земјоделство и рурален развој. Поточно, финансиската поддршка се обезбедува во повеќе сегменти и тоа: поддршка за основање на земјоделски задруги, поддршка за функционирање на земјоделски задруги, како и поддршка за набавка на земјоделска механизација. Во делот со кој се поддржува основање на земјоделски задруги, предвидена е поддршка за покривање на дел од трошоците за основање на земјоделската задруга, воспоставување на админстративни и технички капацитети, помош за ангажирање на стручни лица, помош за организирање на информативни и промотивни активности и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите на земјоделската задруга. Потоа, исплата на плата за лице управител на земјоделската задруга која согласно пропишаните услови може да остварува право на помош од овој вид, во висина од 100% во првата година, од просечната плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година, со намалување од 20% за секоја наредна година, во период не подолг од пет години.
Кога станува збор за финансиска поддршка за функционирање на земјоделските задруги, покрај основните субвенции, земјоделците кои се членови на земјоделски задруги добиваат дополнителни субвенции и тоа до 15% повисоки субвенции за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата. Понатаму, во склоп на овој сегмент од финансиската поддршка спаѓаат и 30% од трошоците за наводнување на годишно ниво, 80% од трошоците за осигурување на производните капацитети. Тоа што е најпопуларно кај земјоделските задруги е поддршката која е наменета за набавка на земјоделска механизација со која се покриваат до 90% од вкупната вредност на набавката.