Министерството за економија од утре ќе доделува ваучери во вредност од 25 илјади денари за домаќинства кои ќе инсталираат инвертер клима уреди, извести министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Предвидени се над 4 милиони евра и над 7.000 ваучери кои ќе ги додели Министерството за економија за одредени категории кои се предвидени во јавниот повик. На овој начин ќе може ваучерите да бидат поделени транспарентно“, вели Крешник Бектеши.
Услов за добивање ваучер е домаќинствата во изминатите три години да не користеле средства од кој било извор за надоместок на трошоци за грејни уреди, да немаат приклучок на централно градско греење и уредот да го купат во текот на 2024 година.
„Уште утре да аплицираат во Министерството за економија и во најбрз можен рок Министерството за економија ќе ги подели ваучерите. Исто така и за компаниите кои имаат интерес да ја направат оваа услуга до граѓаните ќе има посебен јавен повик“, додаде Крешник Бектеши.
Ваучер од 25.000 денари е предвиден за општините од пелагонскиот и југозападниот регион, додека 23.000 денари за домаќинствата од скопскиот регион, од општините од источниот, југоисточниот, североисточниот, како и од Полошкиот регион.