Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова ги потпиша указите за стекнување бугарско државјанство врз основа на нивното бугарско потекло, јавува „БНТ“.
Пред една недела, на официјална церемонија и со интонирање на химната, Јотова му врачи буагрски документи на секретарот на затворениот бугарски културен клуб во Охрид, Христијан Пендиков. Потпретседателката во таа прилика го опиша Пендиков како храбар млад човек, кој и покрај провокациите, останал верен на бугарската самосвест и идентитет.
Пендиков подоцна, во интервју за БНТ истакна дека сè уште има многу македонски Бугари, како што се претседателите на бугарските клубови, кои немаат бугарско државјанство, а за ова доставиле документи пред долго време.
„Најистакнатите македонски Бугари, тие што најмногу се борат, кои добиваат најмногу закани, тие немаат бугарско државјанство, но тие пред многу години поднеле документ за бугарско државјанство и чекаат, им треба помош“, рече Пендиков во интервјуто.
Пендиков е родум од Охрид. За јавноста непознат додека не беше натепан, инцидент кој потоа беше политизиран. Како причина беше наведено тоа што Пендиков се декларира како Бугарин, а се зборуваше дека тој имал нерасчистени сметки со напаѓачите. Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“.
Против него се води и предмет во охридското Обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.