Бугарски новинар: Учествувајќи во грчкиот хор, бугарските политичари го легитимираат прогонот на Словените во Егејска Македонија

174

Сосем спротивно на доминантниот „хор“ во бугарската јавност против Македонија деновиве, тамошниот новинар Божидар Бошков го критикува приклучувањето на политичарите од Бугарија кон грчкиот хор што грми за изоставувањето на „Северна“ од новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова на инаугурацијата.

„Голем број бугарски политичари – некои предизборно, а други сосем искрено – деновиве беа огорчени што за време на нејзината заклетва, новата македонска претседателка Гордана Силјановска не го изговори уставното име на државата, туку ја нарече само Македонија, без додавката ‘Северна’. Прилично злобна реакција имаше и во Грција, но се чини сосема очекувано. Но, не е во редот на нештата кога и Бугарите се влеваат во грчкиот тон.

Нашата држава нема никаква врска со сегашното име на нашиот западен сосед. Ниту го измислила, ниту го сакала, ниту го наметнала, ниту потпишала договор со неа за тоа име. Бугарија прва ја призна Македонија со нејзиното првобитно уставно име. И таа никогаш немала никакви претензии кон него. ‘Северна Македонија’ се појави по Договорот од Преспа, кој Грција ѝ го наметна со рекет на Македонија, користејќи ги сите лостови за кои беше способна – и политички (блокирање на нејзините апликации во НАТО и ЕУ), и економски (блокирање на трговијата и пристапот до грчките пристаништа).

Згора на тоа, учествувајќи во грчкиот хор, бугарските политичари, веројатно несвесно, бидејќи не ја знаат историјата, ја легитимираат грчката национална доктрина, според која Македонија им припаѓа според правото. По завршувањето на Првата светска војна, Грција ја окупира Егејска Македонија и почна брутален прогон на тамошното словенско население. Тоа се спроведува во сите правци – дури и ретроактивно. Забрането им е да зборуваат друг јазик освен грчки. Имињата им беа насилно сменети. Од надгробните плочи се изгребани словенските имиња на починатите, напишани на кирилица, и заменети се со нови – грчки на хеленската азбука. За да го одржат овој статус кво и никој од овие луѓе да не помисли на своето словенско потекло, Грците создадоа и посебно министерство за Македонија, чие седиште не е ни во Атина, туку е преселено во Солун. За да бидат сигурни дека погрчувањето не оди ни милиметар надвор од нацртаните рамки. Ова министерство траеше цел век – доволно долго за да се заврши процесот. Тоа беше затворена во 2015 година, кога во Атина беше прифатено дека во Егејска Македонија не останал ниту еден жител со словенски идентитет.

Да, меѓународното право прифаќа дека денешните граници се конечни и непроменливи, иако војните што се водат во последно време го оспоруваат тоа сфаќање. Но, и да не отстапиме од нормите на меѓународното право, историската правда бара Бугарија да не учествува во грчките интриги во однос на Македонија. За жал, немаме своја бугарска национална доктрина, освен деноноќното повторување на мантрите ‘Шенген или смрт’ и ‘евро или смрт’. Но, ова не е изговор за непознавање на историјата на Балканот и за помагање на странските земји да ја фалсификуваат“, порачува Бошков во својот коментар на бугарскиот портал „Флагман“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content