Бугарската полиција ги усмртила македонските народни херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур на 4.1.1943 по ѕверски мачења

101

На денешен ден пред 82 години во Скопје по повеќедневно ѕверско мачење од бугарската полиција се убиени македонските народни херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев. Директни сведоштва за мачењето и убиството на двајцата херои дал началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.

Јорданов ќе напише за Ацев: „Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени … Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови: „Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира. Тогаш Цанков рече: „Добро, појди таму“. Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: „Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме“.

За Пинџур Јорданов во своето сведоштво изнел: „Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов … Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-трипати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во многу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата“.

Двајцата херои сосема случајно биле уапсени на 19 декември 1942 во Велес. Бугарската полиција од Велес ги пренесува во злогласниот Скопски полициски затвор, каде што по мачењето биле убиени.

Писмо од нивните соборци

Откако се расчуло за маченичката смрт на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, нивните соборци издале леток по повод нивното убиство, во кој детално и јасно ги изразуваат нивните стремежи борба за слобода. Мал дел од писмото ги опишува теророт и морничавата слика на нивните тела: „На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и отепани, но до сега вакви зверски и нечовечно мачење немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануваат во очите на народот.“

По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година, а потоа биле фрлени низ прозорец, за да се инсценира самоубиство.

Безживотното тело на Мирче Ацев било украдено од скопската болница и префрлено во домот на Ацеви во Прилеп, за да се погреба на 13 јануари 1943 година. Едно сведоштво дава Неговата тетка, кај која завршило неговото тело, бидејќи и неговите родители биле интернирани од полицијата, има кажано во своето сведоштво: „Полицајците му забодувале шајки под ноктите на прстите, тие му останале полупресечени. Ноктите од прстите на рацете воопшто му ги немаше. Распарчен е на делови, со откинати меса, искршени коски и косата му била кубана, па останала една сламка. Вилицата и главата му се искршени. Неговите нозе беа соголени до коски од кожата која е вадена во мачењето. Прстите на нозете му беа искасапени. Сиот беше здробен.“

Бугарската полиција во Прилеп добила строга наредба телото на Ацев да биде запленето по секоја цена при влезот во Прилеп и да не се закопа. Но, тоа е тајно внесено во градот. Погребот започнува во тајно одредено време, а поворката тргнува без проблем. Партизаните успеваат да ја излажат полицијата, која води целодневна хајка за наоѓање на телото. Кога веќе погребната колона е на гробиштата, полицијата дознава и тргнува да го заплени телото. По пат се среќава со поворката и полицајците дознаваат дека закопот е веќе извршен, но сепак одат на гробиштата да се уверат во ова самите. Бугарската полиција го чува гробот, за да не смее никој да не смее да му се приближи во следните денови. Бугарските власти размислувале и телото да биде откопано, но потоа се откажале од ваквите намери.

Кој е Мирче Ацев?

Мирче Ацев е реден во прилепското село Ореовец на 20 октомври 1915. Тој бил член на покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На 2 август 1940 година на митинг, организиран во Охрид објавил и јавен повик за организиран борба за слобода. Истиот ден бил уапсен.

Уште на почетокот на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Заедно со Кузман Јосифовски – Питу се залагал за оружена борба и пристапил кон формирањето на неколку нови партизански одреди во Македонија. Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, опишувајќи му ја тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, нагласува дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кое е ослободителното движење. Писмото од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и денес. Со ова писмо се побиваат и великобугарските манипулации за непостоење македонска азбука и писмо пред 1945. Писмото се чува во архивот на Институтот за национална историја.

Непокорот на Страшо Пинџур

Страшо Пинџур е роден како Страхил Пинџуров во кавадаречкото село Ваташа на 3 март 1915 година. По окупацијата на Македонија станал член на покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 година бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Есента 1942 бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

На 4 јануари 1943 година, во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 година, каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

За активноста во организирањето на народот за борба против фашистичкиот окупатор, како и за нивното храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо Пинџур и Мирче Ацев се прогласени како народни херои на 29 јули 1945 година. Во нивна чест се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“ и „Вардаре горд, подзапри“. Бројни училишта го носат името на овие двајца народни херои.

Извор: статија „Им ставале шајки под ноктите и ги мачеле со денови: бугарската полиција ѕверски ги убила Мирче Ацев и Страшо Пинџур во Скопскиот затвор“ на „Плус инфо“ од 4.1.2023 година

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content