Бремените жени плаќаат за прегледи, Фондот за здравствено ги повикува да пријават

34

Во нивната анализа во рамки на повеќедеценискиот проект „Унапредување на здравјето на жените Ромки“ предупредува дека голем дел од жените Ромки плаќале за бесплатни гинеколошки прегледи, а висок е процентот и на неискористеност на бесплатните гинеколошки прегледи на бремени жени, кој се движи помеѓу 74 и 90, во зависност од услугите.

Потребен е подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги, бидејќи 74 проценти од жените Ромки плаќаат за бесплатните прегледи за време на бременост, иако сите бремени жени и родилки имаат право на бесплатни здравствени услуги, вели извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски.

 

Според истражувањето на НРЦ, гинеколозите им наплаќаат на бремените жени ехо и тестови. Жените од Куманово споделуваат искуства и на социјалните мрежи велејќи дека речиси сите прегледи им се наплаќаат. Според истражувањата на НРЦ во кој учествувале бремени жени и родилки за ехо се наплаќало по 300 денари, микробиолошки тестови исто така 300 денари, отварање мајчина книшка и до 500 денари или пакет за една бремена жена чини 1.100 денари.

Со цел да се одговри на потребата за подобар пристап до здравствена заштита, Владата на РС Македонија секоја година донесува едногодишни превентивни програми, кои се реализираат преку јавно-здравствени установи. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во РС Македонија е донесена со цел континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Посебен фокус е ставен на ранливите групи на населението (жени Ромки, жени од рурални средини, жени од социјално ранливи категории). Програмата се реализира преку координирано спроведување на суштински јавно – здравствени услуги, во кои како извршители се вклучени повеќе здравствени институции (Центри за јавно здравје, Здравствени домови, болници, вели адвокатката Магдалена Јакимовска од НРЦ.

Здружението на гинеколози бара работна група да продолжи со работа и да се најде решение во интерес на сите

Од Здружението за гинеколози и акушери велат дека и ним им е во интерес да се надминат проблемите со бесплатни гинеколошки услуги. Тие сметаат дека само со креиран пакет услуги, кој ќе го изработи здружението со Фондот за здравствено осигурување, корист ќе имаат и пациентките и гинеколозите.

Претседателот на здружението, Д-р Душко Филиповски, истакна дека неговите колеги од Куманово работат исто како и останатите гинеколози од државата, согласно востановената пракса.

Фонд за здравствено осигурување- Осигурените можат да пријават, прегледите во бременоста се бесплатни

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека осигурените лица можат да одбијат да го платат прегледот доколку матичниот гинеколог побара пари за здравствена услуга која е бесплатна. Оттаму појаснуваат дека во основните здравствени услуги кои ги обезбедуваат матичните гинеколози се следење бремени жени, дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис. ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него матичниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи, според Програмата на Министерството за здравство за скрининг за превенција и рано откривање на карцином на грлото на матката, а ова воедно е и една од целите на Фондот за здравство. За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази партиципација која осигуреното лице што треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот е потребно да биде направен приватно неговата референтната цена според Фондот е 600 денари.

Поради тоа кога матичниот гинеколог ќе побара пари за здравствена услуга која е бесплатна, осигуреното лице треба да одбие да го плати прегледот. Во случај кога сепак се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побара фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информира Фондот преку претставка и во прилог на претставката потребно е биде доставена и фотокопијата од фискалната сметка. Согласно Законот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигирување е купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица и склучува договори со здравствени установи од примарната здравствена заштита со кои обезбедува услуги од областа на гинекологија. За извршен лекарски преглед кај матичниот лекар од осигуреникот не се наплатуваат финансиски средства, велат од Фондот.

Во надлежност на Фондот е да извршува редовни и вонредни контролни на здравствените установи со кои институцијата има склучено договор.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content