Бизнисмените се алчни и вештачки ги зголемуваат цените за да направат поголем капитал

189

За еден месец најосновните трошоци за живот пораснале за над 200 денари. Според пресметките на синдикатот, на едно четиричлено семејство за да преживее во јуни, му требаат 60.325 денари. Ако плаќа и кирија, пак, ќе му требаат над 75 илјади.

Најмногу пари се трошат на храна, скоро 22 илјади, односно цела минимална плата. Токму затоа од ССМ бараат новата влада уште во првите сто дена да го зголеми минималецот, во спротивно пак ќе има протести и штрајкови.

„Ние бараме веднаш во првите 100 дена зголемување на минималната плата на 450 евра, патем тоа беше и едно од главните барања на први мај, за да го избегнеме овој ценовен шок. Газдите и бизнисмените алчно се однесуваат за да створат што е можно повеќе капитал. Податоците покажуваат енормни профити на трговските маркети, трговските центри, продавниците и сметаме дека вештачкото кревање на цените удира и те како по кревкиот џеб на работниците и граѓаните“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Според Трендафилов, цената на струјата не смее да служи како изговор за поскапување на основните прехранбени продукти.

„Срамно е да се користат изговори дека доколку цената на струјата треба да се зголеми дека веднаш ќе се зголемела цената на лебот за 10%. Па да се објаснуваат кој ја кренал цената на лебот, кој ја кренал цената на струјата. Жално е што сето тоа ќе биде на грбот на работниците“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Во меѓувреме, државна статистика објави раст на просечната плата во април. Таа изнесува 41.085 денари и е за околу 500 денари повисока во споредба со март. Но, Трендафилов вели тоа што просечната плата за еден месец пораснала повеќе отколку трошоците за живот, за обичните граѓани не значи подобар живот.

„Вие имате огромни плати на одредени газди и бизнисмени, имате огромни плати зголемени за 78% на функционерите и имате минимална плата од 22.500 денари. И кога ќе го направите просекот излегува дека тие го јадат месото, а ние ја глодаме коската како работници. Заради тоа сметаме дека просечната плата не е реалната слика во Македонија“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Само од јануари досега, вредноста на минималната кошница е зголемена за 50 евра. Математиката покажува дека најмалку пари остануваат за хигиена и за здравје.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content