Барања за кредитната линија Ковид 3 од 31 милион евра ќе се поднесуваат од вечер на полноќ
Третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка во износ од 1 милион евра.
Кредитната линија, како што информираат од Развојната банка, е за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од КОВИД-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20 отсто.
Јавниот повик е отворен за поднесување кредитни барања од 16 декември 2020 година од 00:01 часот до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот, односно барања се поднесуваат вкупно 15 дена.
Аплицирањето, како што наведуваат, се прави исклучиво електронски на е-маил адресата [email protected]. Секој апликант при достава на кредитното барање во предметот на е-маил пораката треба да го внесе името на компанијата, градот и формата (ДОО, ДООЕЛ, ТП, занаетчија и друго) со латинични букви.
За потврда дека е-маил апликацијата е пристигната во РБСМ, апликантите треба да добијат автоматска порака како одговор од [email protected]. Доколку не добијат автоматска порака, препорачуваат да се провери адресата, како и да се провери големината на документите (треба да е под 8 MB).
На веб страницата на Банката има техничко упатство кое треба да се следи при аплицирањето.
Обработката на кредитните барања, посочуваат од РБСМ ќе биде хронолошка како што се пристигнати кредитните барања на [email protected] и ќе започне по завршувањето на јавниот повик.