Во Охрид од денеска до 18 мај ќе се организира средбата под наслов „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“, во организација на Женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance), Форумот за справување со инциденти и безбедносни тимови (FIRST- Forum for Incident Response and Security Teams) и MKD-CIRT Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации.
Како што информираа од Агенцијата за електронски комуникации, овој настан е прв од низата предвидени настани во контекст на остварувањето на проектот „Добро владеење во областа на сајбер безбедноста на Западен Балкан“ поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, комонвелтот и развој на Обединетото Кралство “На средбата во Охрид најавени да присуствуваат повеќе од 100 учесници од регионот и пошироко, а ќе го отворат директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику, заменик директорот на Женевскиот центар за управување со безбедносниот центар Марк Доунс и претседавачот на Форумот за справување со инциденти и безбедносни тимови Серж Дрост.
На отварањето на настанот, како што најавија организаторите, со свое излагање ќе се обратат и заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење Славица Грковска, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и претставникот на Амбасадата на Обединетото Кралство Ендрју Бранд ( Andrew Brand).
– На овој настан ќе им се овозможи на учесниците да се здобијат со знаења односно да ги подобрат способностите за откривање инциденти и справување со нив како и давање соодветен одговор во рамките на својата организација , да се зголемат нивните сознанија и свест за новите видови на закани и трендови во сајбер безбедноста и да се зајакне нивната способност за спроведување форензички истраги и пенетраациско тестирање .
На овој и на следните настани се предвидува да се прошири и на професионален начин мрежата на соработка меѓу професионалците од оваа област како во регионот така и пошироко со запознавање на техниките и процедурите на водечки експерти за сајбер безбедност кои ќе имаат свои презентации, стои во соопштението од Агенцијата за електронски комуникации.
Со овој настан се потенцира и значењето на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT кој работи во склопот на Агенцијата за електронски комуникации и кој е дел од контакт точките на споменатите Меѓународни организации кои се водечки во областа на сајбер безбедноста и кои се дел од проектот „Добро Владеење во областа на сајбер безбедноста на Западен Балкан“.