Легендарниот холандски виолинист и диригент со својот оркестар „Јохан Штраус“, најголемиот приватен оркестар на светот, кој брои 60 члена, направи вистинска магија во ВИП Арената „Борис Трајковски“.
Неговиот начин да ја маѓепса својата публика од почеток до крај на концертот и да ја направи класичната музика забавна и современа, го направи еден од најголемите забавувачи на нашето време, а неговите концерти се многу повеќе од музика.
Публиката на концертот во Скопје уживаше во новата програма сочинета од фантастичните мелодии од светот на мјузиклите, оперите и оперетите, како и од традиционалната музика.
Виталниот 73-годишен Андре ја поздрави публиката со „Добро вечер“ и ја поведе на магичното музичко патување. Речиси три часа, на негов својствен харизматичен и непосреден начин ја забавуваше, шармираше и насмејуваше. Дека хуморот и разиграноста се важни елементи на концертите на оркестарот „Јохан Штраус“, доказ беше синоќешниот концерт.
„А каде дојдовме ние вечерва? Во центарот на Универзумот. Добредојдовте во Скопје“, ѝ се обрати на публиката во еден момент маестро Риу.
Андре и неговиот оркестар несебично се трудат концертите да бидат гозба за сите сетила. Па следствено на тоа, покрај музичкиот дел, во синоќешниот спектакл беа вклучени и визуелните ефекти кога ненадејно почна да врне „снег“, да паѓаат балони…
А, очекувано, публиката особено беше трогната кога започнаа тактовите на легендарната македонска песна „Македонско девојче“. Во преполната сала одекна одушевувачки восклик, проследен со громогласен аплауз, додека Риу и оркестарот ја изведуваа „Македонско девојче“.
„Кралот на валцерот“, како што го нарекуваат Риу, по три години се врати во Скопје и порано ја донесе новогодишната магија.