Во 2024 година, македонските државјани преку своите платежни картички во странство реализирале онлајн купувања во вредност од 284,4 милиони евра, преку 7,4 милиони трансакции. Најголем дел од овие набавки се однесуваат на производи и услуги поврзани со патувања, како авионски карти и резервации на хотели преку интернет.
Анализата на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ), базирана на податоци од Народната банка, покажува дека во споредба со 2023 година, потрошувачката на македонските граѓани кон странски е-трговци е зголемена за 45,4%, додека бројот на електронски трансакции пораснал за 61,4%.
Просечната вредност на трансакција изнесува 38,6 евра, што претставува намалување од 10% во однос на 2023 година. Најголем дел од вредноста (74%) и бројот (67%) на трансакциите се реализирани во Холандија, Обединетото Кралство, Ирска, Унгарија, САД, Грција, Луксембург, Литванија и Германија.
Во текот на 2024 година, најголема вредност на е-трансакции, во износ од 41,9 милиони евра, Македонците оствариле во Холандија, додека најголем број на трансакции, 1,37 милиони, се направени во Ирска. Најголем скок во бројот на е-трансакции во 2024 година е забележан во Грција (207,9%), Литванија (162,1%) и Ирска (140,7%), додека во вредноста на трансакциите, најголем пораст има во Литванија (221,7%), Ирска (58,7%) и Обединетото Кралство (58,6%). Спротивен тренд е забележан кај бројот на е-трансакциите (-65,6%) и вредноста (-3,2%) кон Германија.
Македонските граѓани во 2024 година најмногу пари потрошиле во Холандија (41,9 милиони евра), додека најголем број трансакции направиле во Ирска (1,37 милиони). Највисока просечна вредност на е-трансакција е забележана во Германија (214,2 евра), а најниска во Луксембург (14,1 евра).
“Растот остварен во 2024 година во однос на минатата година изнесува 45,4% скоро ист пораст како и во 2022 година (46%) спрема претходната. Најмногу Македонците како и секоја година направиле трансакции кон Холандија во вредност од 41,9 мил. евра, Обединето Кралство 40,7 и Ирска 33,7 мил. евра. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји имаат седиште Booking.com, Netflix и Uber за Европа (Холандија), ASOS, Amazon UK(Обединето Кралство), додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Ирска, како и пораст на вредноста од 58,7% во однос на минатата година се должи на тоа што таму сe регистрирани, Meta и Google.”
Претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска, истакнува дека онлајн купувањето кон странски платформи може да има позитивно влијание и врз домашните е-трговци, бидејќи придонесува кон промена на навиките и зголемено користење на онлајн купување воопшто. “Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите”, вели таа.
Странските државјани, од друга страна, за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2024 година потрошиле 37,2 милиони евра, што претставува пораст од 38,7% во однос на претходната година. Остварената вредност во 1,2 милиони трансакции бележи пораст од 44% во однос на 2023 година.
Најголем дел (52,6%) од вкупната вредност на трансакциите од странци кон македонски е-трговци во 2024 година припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји. Најмногу трансакции се реализирани од иматели на платежни картички издадени во САД (6,3 милиони евра), потоа Швајцарија (3,5 милиони евра) и Германија (2,4 милиони евра), следени од Ирска (1,85 милиони евра), Турција (1,75 милиони евра) и Косово и Србија (821 и 814 илјади евра).
Најголем пораст и на вредноста и на бројот на трансакциите е остварен од ирските иматели на платежни картички, наспроти намалување на вредноста и бројот на трансакции од имателите на платежни картички од Обединетото Кралство.
“Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од било кој крај на светот. Остварениот годишен пораст од 39% на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци и остврени 37,2 мил. евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал”, вели Ангеловска.
Таа додава дека анализата покажува оти најмногу онлајн трансакции направени од странски државјани се од земји каде што има македонски иселеници, што упатува на претпоставка дека тие се повеќе го користат овој канал за купување производи и услуги за своите блиски од македонските е-продавници. “Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија”, заклучува таа.