СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Технологија

Нов хакерски напад, веќе 6 дена блокирано е Министерството за земјоделство

Во понеделникот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека нивниот електронски систем бил цел на хакерски напад кој предизвикал блокирање на редовниот работен процес и оневозможил исполнување на тековните процеси во надлежност на министерството. Според извори на МКД.мк се работи за посериозен хакерски напад при што биле избришани големи бази на податоци, особено податоци за субвенции, планови и тендери. МВР води истрага за да утврди дали се работи за внатрешна саботажа или за надворешен упад.

„Нападот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, а поради сериозноста на проблемот системите во министерството не се во функција. Во моментот вработените во Секторот за информатички технологии при МЗШВ работат на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот. Упатуваме извинување до граѓаните поради неможноста за навремено вршење на услугите. Дополнително Министерството ќе ја извести јавноста за отстранувањето на проблемот и повторното подигнување на системот“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.

Она од што најмногу стравуваат вработените и земјоделците е можното бришење на податоци за неисплатените субвенции кои биле во вредност од околу 530 милиони евра.

За тоа колку изнесува долгот за неисплатени субвенции и колкава е штетата од нападот врз компјутерскиот систем на Министерството за земјоделството, одговор не може да добиеме токму поради тоа што целиот нивен систем е надвор од употреба.

За кратко време ова е втор хакерски напад на државна институција.  На 10 септември и Министерството за образование беше цел во низата сајбер-напади во регионот. Интернет страницата на МОН неколку дена беше недостапна и на неа беше испишано името на непозната хакерска група која се претставува како „Нетвочерс“ од Грција, a извесно време објавените линкови водеа кон грчко видео на јутјуб насловено „Позната Македонија“.

Македонија, по Црна Гора и Албанија, стана трета членка на НАТО од регионот погодена од сајбер-напади.

Експерти за сајбер безбедност веќе подолго време предупредуваат дека компјутерската безбедност во државните институции не е на потребното ниво. Тие препорачуваат да се обезбедат повеќе ресурси и на тоа да не се гледа како трошок, туку како инвестиција во безбедноста.

Од Министерството за информатичко општество и администрација најавуваат и основање на нова државна агенција за сајбер безбедност која ќе се занимава со спречување на можни хакерски напади.

Сајбер безбедноста треба да биде највисок приоритет за државата, велат експертите.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content