СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Откако Владата им порача да ги почекаат изборите, приватните специјализанти го продолжија штрајкот

Продолжи штрајкот на лекари приватни специјализанти, откако Владата на вчерашната седница донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Тие на денешниот протест добија поддршка и од професорката Љубинка Дамјановска Крстиќ од Медицинскиот факултет.

Даниел Трајков, специјализант, рече дека со одлуката на Владата за одбивање на подобрување на нивниот статус, е потврден фактот дека за нив, место во ова општество нема. Тој вели дека од Mинистерството за здраво, ДКСК, иако постојано барале, сѐ уште немале добиено одговор по кој основ подобрување на нивниот статус сега е неможен.

Трајков подвлече дека токму нивната неутралност и директното спротивставување на „понудите“ да се приклучат на некакви „табори“ за да си го заслужат работното место, бил мотивот да запишат приватна специјализација.

– Ова што сме овде денес е бегајќи од неправдите. Но, за жал бегајќи од провинција каде владеат поединци моќници, главниот град и универзитетската клиника испаднаа многу поголема провинција во културна смисла на зборот. Дали вам толку ви е замаглен погледот од партиските констелации во оваа држава што и малкуте граѓани – интелектуалци кои останавме, не ги гледате и не им давате до значење? Престанете да калкулирате гледајќи одозгора и сметајќи дека сите овде сме со некаква агенда, порача тој.

На новинарско прашање дали има какви било притисоци од колеги државни специјализанти или од специјалисти, тој одговори дека лично не бил сведок на каков било извршен притисок, но, колеги кажувале дека имало директни или индиректни притисоци. Исто така, имале информација дека колеги државни специјализанти прашале зошто приватните специјализанти не се пријавиле за дежурство, велејќи дека биле повеќе оптоварени отколку во нормални услови.

Тој вели дека нема да се откажат, оти штрајкот ќе продолжи, а дополнително ќе известат на кој начин.

Трајков е втора година на специјализација. Рече дека посакува да остане тука, но, не знае што ќе се случи.

Професорката Љубинка Дамјановска Крстиќ, од Клиниката за ревматологија, им даде поддршка и рече дека тие секојдневно се во амбулантите, операционите сали и ноќните дежурства. Без, како што нагласи, за тоа да бидат адекватно вреднувани и да се чувствуваат како навистина почитувани.

– Тие се навистина многу добри, вредни, работат и пишуваат во списанија, учествуваат на меѓународни конгреси. Ова го зборувам од свое лично искуство, јас исто така пред 30 години бев приватен специјализант. Знам дека се работи за една голема голгота. Не само што страда лекарот приватен специјализант, страда и неговото семејство, блиските. Родителите се во вечни долгови. Лекарите се должни да дадат максимум за луѓето и професијата, но и ним треба да им се овозможат услови за да ја обавуваат професијата, рече таа, апелирајќи за поголема поддршка за колегите, замолувајќи ги институциите под итно да се разреши ситуацијата.

На новинарско прашање, таа одговори дека многу ја загрижува фактот кој ќе ги наследи лекарите во македонското здравство, ако младите, незадоволни, си заминат од државата.

– Пред некое време изгубив специјализантка која 13 години ја едуцирав да биде ревматолог. Пред тоа уште една, која е во Германија и навистина проблемот е многу горлив. Во моментов немам асистент и помлад асистент, а навистина треба, истакна таа.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content