Шест години по упадот во Собранието

25

По шест години од инцидентите во Собранието на 27 април, осудените за извршителство бараат правда, обвинетите за организирање ќе се судат одново. Судијката Добрила Кацарска која досуди 188 години казна за вкупно 16 осудени стана уставна судијка. Судијата Илија Трпков на кого Апелација му најде грешки при носењето на пресудите за организаторите – ќе суди одново во Кривичниот суд.

Уште се дебатира, дали осудените за изврштелство се уставобранители или терористи

Голем дел од осудените во предметот за извршителството на 27 април ја издржаа скоро половина од казната. Тие се низ затворите во Штип, Прилеп, Идризово. Освен Александар Василевски-Нинџа кој казната ја издржува во истражниот затвор „Шутка“. Според директорот Филип Андов тој е примерен затвореник, па вози камионче во склоп на затворот – што значи е работно ангажиран.

Викенд отсуство користат и други затвореници чии казни се до 12 години. Јавноста има различно мислење за нив – дел сметаат дека тие се уставобранители, други ги посочуваат како терористи кои имале намера да убијат некого за време на упадот.

На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор, а обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години. Понатаму, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски се осудуваат на казна затвор во траење од по 13 години.

Апелациониот суд ги осуди обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од по 11 години, обвинетиот Оливер Радулов на 9 години, обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.

Овој предмет е одамна пред Врховниот суд. Мислење даде и Обвинителството. Одлука дали можеби обвинетите ќе добијат ново судење и слобода или ќе останат каде што се – нема. Претходно, постоеја обиди преку закон за амнестија, осудените да бидат условно амнестирани, но тој не го помина собранискиот филтер ниту за да се најде на седница.

Апелација најде грешки кај Кривичен за предметот „Организатори на 27 април“

Апелација ја падна пресудата за предметот „Организатори на 27 април“. Предметот го врати на ново судење. Спорно им беше што селективно се амнестирани лица кои биле обвинети. Беше побарано како судијата Трпков, така и Обвинителството да преиспита дали е правилно применета амнестијата. Апелационите судии беа децидни дека не се ценети сите решителни факти пред да се изрече пресудата. Посочуваат и дека е повредено правото на одбрана на обинетите.

На вкупно 25 години затвор беа осудени ексспикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Обвинителот ќе треба да пресече и дали предметот треба одново да се суди или ќе донесе јавнообвинителска одлука за повлекување на обвинението, а поради амнестијата. Предметот одново ќе го суди истиот судија – Илија Трпков, судија за кој медиумите пишуваа дека во два случаи носи пресуди верувајќи му на еден сведок кој случајно се затекнува на настаните – Александар Василевски- Нинџа. За разлика од претходно, предметот нема да го застапува Вилма Русковска која сега е скопска обвинителка, туку Трајче Пеливанов од поранешното СЈО кој сега е обвинител за гонење организиран криминал.

Пред шест години, односно на 27 април 2017 година во Собранието според едни влезе народ, според други насилници. Упадот во прес салата беше клучен за крвавите инциденти. Внатре беа пратениците од СДСМ на чело со Зоран Заев стиснати во еден ќош, но и по некој од ВМРО-ДПМНЕ, новинари, фотографи, сниматели. Групата почна да фрла кон пратениците на СДСМ со столици, стативи, компјутери, разни предмети. Имаше низа повредени.

И по шест години од судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, не стивнуваат критиките дека тој настан не е акт на теоризам.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content