СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

ЗНМ: Претставка до Судскиот совет за судијката Спировска-Панева

Здружението на новинарите на Македонија поднесе барање до Судскиот совет за поведување постапка за утврдување одговорност на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

„На 13 октомври се одржа рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за објавената сторија со наслов ‘Заговор против воздухот’, објавена на 16.5.2021 година.

По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска-Панева, која го водеше рочиштето, побара од новинарите и од другите лица што беа во својство на јавност да ја напуштат судницата со усно образложение дека ќе се изведе доказ ‘соочување странки’ бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста. Оваа постапка го попречи и следењето на рочиштето, кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи кога како странка се јавува медиумски работник“, известува ЗНМ.

„Како Здружение, кое со години се бори за слобода на изразување и за правото на јавноста да биде информирана преку информациите што ги пренесуваат новинарите, нивното исклучување од судница за случај што се води против нив, а поведен од високи функционери, нема апсолутно никаква законска оправданост. Според одредбите од Законот за парничната постапка и според нашето сознание, на рочиштето ниту се одавала службена, деловна или лична тајна ниту се нарушува јавниот ред ниту, пак, е спротивно на општо прифатените морални вредности.

Бараме одговорност од судијката за оваа постапка, а Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување дисциплинска одговорност во согласност со доставените докази и посочените законски одредби против судијката Јованка Спировска-Панева и да изрече дисциплинска мерка во согласност со чл. 78 од Законот за судовите на РСМ. Нагласуваме дека новинарите не смее да бидат третирани како јавно зло бидејќи не работат на штета на граѓаните, туку во нивна корист.

Не треба да бидат замолчувани без право на пристап до информации, особено во случаи во кои тие се страната што е тужена заради завршена истражувачка работа. Ваквите постапки се директен напад на слободата на изразување, која се темели на препораките поставени од Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права“, се додава во соопштението на ЗНМ.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content