Утре излегува новиот албум на Влатко Стефановски, Никола Ристановски помеѓу гостите

53

Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот Огледало и тоа како ја заинтригира јавноста на овие простори-информираат од Croatia Records. На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното Трио.

Во нова ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија. И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало… Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски. Албумот ,,Taftalidze Shuffle” е создаван во периодот од јануари до октомври 2020 година, а текстовите се пишувани во од април до јуни, оваа специфична и чудна 2020 година.

 

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ја оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски. Освен на компакт-диск, ,,Taftalidze Shuffle” на Влатко Стефановски кон крајот на декември ќе биде објавен и на винил, појаснуваат од Croatia Records.

Додаваат дека по исклучително успешниот акустичен албум „Мајчин јазик“, Влатко му се враќа на звукот и атмосферата од 70-тите години на минатиот век, а новиот албум ,,Taftalidze shuffle”, содржи сè што ги направи 70-тите посебни.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content