СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Музејот на приказните со блескаво руво во Новата Година – 50 години Музеј на тутун

И по пет децении, музејот за тутун во Прилеп фасцинира со приказните, а експонатите го потврдуваат човековото однесување кое е врзано со уживањето, со потребата низ историјата да го покаже својот статус, но и да укаже на начинот на живот на различни простори.

Музејот за тутун во Прилеп, еден од раритетните во Европа, еден од најпосетуваните од домашните и странски гости, постојано ги обновува, ги чува приказните за човековото однесување.

Обновен, дотеран во ново руво влегува во новата 2024 година. За 50- годишнината (во 2023 година се навршија пет децении од неговото постоење) Музејот доби современ фасцинантен дизајн и уште повеќе го привлекува вниманието.

-По пет децении музејот е осовременет. Пет витрини се направени на нови постаменти, што е сосема нов начин на претставување на експонатите. Тоа досега никогаш не е работено во Македонија. Овие постаменти собираат многу повеќе експонати  Внесени се новите експонати кои се купувани овие години, а немавме место каде да ги ставиме. Презентацијата и експонирањето се врвни. И порано одевме на документаристичката вредност на експонатите, сега одиме и на доброто експонирање. Поектот на Министерството за култура мислам дека максимално го искористивме. Комплетно е променето осветлувањето- и во витрините и во салата од Музејот, објаснува етнологот Александар Цветкоски од прилепскиот Завод и музеј кој катадневно, со години ги раскажува фасцинантните приказни за тутунот, за човековиот луксуз и однесувањето.

Музејот за тутун е музеј на приказни. Уште кога е правен во 1972 година, Бошко Бабиќ и Тадеуш Полак сакале да имаат лулиња од познати личности кои ја раскажуваат историјата за тутунот и за уживањето во него. Да имаат лулиња од светските изложби од Виена и од Париз каде биле изложувани. И успеале да ги најдат. Тие плански ги собирале експонатите од цел свет. Сета таа грижа има до денеска одраз преку тие приказни.

-Ние поседуваме луле од 1700 година од  првиот пушачки клуб на светот кој го формирал сер Волтер Рајли во Лондон. Сер Волтер Рајли е оној кој ја открил Вирџинија во САД, кој прв донел тутун во Англија. Тогаш не знаеле како да го одданочат тутунот, па Рајли се збогатил и го направил тој познат клуб во Лондон. Членови на клубот биле, дури и, кралот и кралицата. Рајли многу се полакомил по пари, па наплатил облог од кралицата. Имено, рекол дека може да го измери чадот од тутунот. Го зел лулето, го измерил, го испушил тутунот, па повторно го измерил. Остатокот бил чадот. Ги зел парите од кралицата, но тоа не го преживеал. Кралицата во 1600-та година ја предизвикала првата кампања против пушењето, кога била создадена и првата книга против пушењето. Пред да го обесат, сер Рајли го испушил последното луле. Оттогаш останало: кога ќе речат „рајлиево луле“ или „рајлиева цигара“, тоа е оној мачен разговор кога ќе ви ја соопштат лошата вест. Дека сте исфрлен од политиката или сте сменет од функција, фасцинирано раскажува Цветкоски.

Постои и приказната за лулето на Кемпбел. Тоа е свештеник кој во 1630-та година венчал една протестантка со католик, што било забрането во Германија. Инквизицијата го дознала тоа. Го мачеле свештеникот седум дена, но тој не кажал кого венчал, за младите да имаат време да побегнат. Кога признал, го обесиле. Свештеникот го испушил последното луле во името на љубовта.

– Денеска, кога некој рече „Кепбелово луле“, тоа е оној последен мачен разговор кога дечкото и девојката раскинуваат, кога се растура брак, или се растура некое друштво. Тој последен разговор се вика „Кембелов разговор“. Инаку, вистинското име на Кембел е – Валентајн. Прилепскиот музеј го поседува последното луле кое го испушил пред бесилката во 1630-та година.

Нема крај на приказните во прилепскиот Музеј за тутун.

– Ги раскажуваме приказните за славните луѓе низ историјата кои ги имале сите мани и доблести што ги поседувале „обичните луѓе“. Токму затоа, луѓето кога ќе влезат во Музејот ја гледаат таа димензија, која обично ја гледаат во филмовите, но овој пат, доблиќена, тука, пред витрината, со експонатот кој му припаѓал, на пример, на рускиот цар Романов, на Ана Хабзбург, а и на Дража Михајловиќ, личност од Балканските простори. Тоа е интересно, раскажува кустосот Цветкоски.

Посетителите, особено странските се фасцинирани од приказните, но и отворено прашуваат: Како е можно еден град во провинција да има толку значаен музеј кој е втор по големина во светот?

Оваа година  се набавени нови 130 експонати. Сега бројката на експонати е над 4 500. Набавени се и нови, како што се женски чубуци во „Арт деко“ кои треба да одбележат еден значен историски период во однесувањето на луѓето.

-Има некои музеи на лулите во Грција, во Варна, во Турција, но тие опфаќаат само еден период. Овде има и од предисторијата. Ова е голем комплексен музеј кој ги опфаќа сите аспекти на тутунот, вели Цветкоски.

Музејот нуди нов свет, но и докази со кои човекот, кога се оддава на луксуз, ги покажува своите карактерности. Без разлика од кој дел на светот е.

– Овде е интересен самиот феномен на тутунот. Тоа не е ниту ориз, ниту грав. тоа е индустриско растение кое создава своја сфера околу себе, па тука се зборува и за цигаретата „по онаа работа“, се зборува за смешните долги лули од 5 метри. Зошто? Очигледно, немало „мерцедеси“ па купувале долги лули. Значи, тоа зборува за човековата ексцентричност, па и глупавост, напати, зборува за човековиот „хир“ кој намногу се покажува, точно преку луксузните експонати. А, да се потсетиме, тутунот е луксуз. А каде што има луксуз, има и човечка глупост, вели енологот, кустосот во прилепскиот Музеј за тутун, Александар Цветкоски, кој е неуморен во раскажувањето на приказните, за човековото однесување, за нешто што му претставувало задоволство, а најмногу луксуз.

Музејот за тутун во Прилеп наврши 50 години. А чува приказни од пред неколку илјади, од пред стотици години или од денешно време. Изберете. Приказната за тутунот и човекот е недораскажана.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Прочитај повеќе:
Close
Back to top button
Skip to content