Трите европски престолнини на културата во 2024

76

И во 2024 година ќе има три европски престолнини на културата: Боде во Норвешка, Тарту во Естонија и Бад Ишгл во Австрија. Секој град го одбележува тоа на сопствен начин, а ова се дел од планираните настани.

Бад Ишгл е позната туристичка дестинација во Австрија, живописно алпско гратче во близина на Салцбург, каде некогашните австриски благородници оделе на одмор.
Туризмот и денешниот наплив на туристи е еден од мотивите за голем дел од 300-те културни проекти предвидени во програмата на Бад Ишгл како Европска престолнина на културата и кои ќе бидат организирани заедно со 22 околни места кои беа вклучени во Светското културно наследство во 1997 година.

Како што објаснува тамошната кураторка на програмата, Елизабет Швегер, целта е „да се осветлат позитивните и негативните страни на целиот регион, а не само се организира огномет или некаков фестивал“.

Но, сепак мора да има спектакл: на отворањето на 20 јануари ќе настапи Том Нојвирт – многу попознат како победничка на Евровизија, под името Кончита Вурст, кој потекнува од тој регион, заедно со рапери и хор јодлери со илјада учесници.

„Белото злато на регионот“
Друг важен мотив за културните настани, освен прекрасниот пејзаж, беше и причината и за богатството на таа област и за поплавата од туристи, и поради што впрочем Салцбург го има добиено своето име – имено наоѓалиштата на сол.

„Од солта изникнавме, од солта се збогативме и со неа одиме во иднината“, резимира Швегер. „Сега е време да се додаде уште еден елемент по потреба: културата, таа е моторот за соживот“.

Своето видување за експлоатацијата на солта во областа ќе го претстави и кинескиот уметник Аи Веивеи, а се организира и посебен настан за злоупотребата на рудниците за сол таму за време на нацистичката ера – имено нацистите таму се обиделе да ги скријат уметничките дела што ги украле низ цела Европа.

Лулка на Естонија
Иако е многу поголем, Тарту на истокот на Естонија не е толку познат. Всушност, со своите сто илјади жители, тој е втор по големина град во државата. Тарту е древен универзитетски град кој припаѓал на здружението на трговските градови на Ханзата во раниот среден век.

„Тарту отсекогаш бил центар на науката, образованието и на културата во Естонија“, се фали градоначалникот Урмар Клас.

Тој е еден од најстарите градови на целиот Балтик, а таму била и лулката на естонската национална свест, родното место на фестивалот на естонски песни, лулка на естонскиот театар и, всушност, на целата земја.

Таму, во февруари 1920 година, е потпишан мировниот договор со Советскиот Сојуз – во кој комунистите од Москва го признаа суверенитетот на Естонија, кој е создаден дури во 1918 година.

Но, како и во многу други договори со Кремљ, таа независност не траела долго, така што, сосема соодветно за таа балтичка земја, главниот мотив на манифестацијата е „уметноста на преживување“.

Отворањето ќе биде на 26 јануари со специјално компонирана химна на Тарту како „град на млада крв“.

Сепак, во „уметноста на преживување“ и таму најважно беше да се биде духовит: на лето ќе се одржи манифестацијата за масовно бакнување „Бакнување на Тарту“ и „Гола вистина“ – фестивал на полемики во сауна – премиерно ќе се одржи и претставата „Бизнис како и обично“ за скандалот со перење пари на Данската банка во Естонија.
Во август ќе се одржи и „Тарту прајд“ – од оваа нова година истополовите бракови се законски дозволени и во Естонија.

Третата културна престолнина на Европа, норвешкиот Боде, е посебен поради најмалку две причини: се наоѓа на север по должината на западниот брег на Норвешка и со тоа ќе биде првата престолнина која се наоѓа над Арктичкиот круг.

Друга карактеристика е областа каде што ќе се одржат повеќе од илјада манифестации: тие ќе бидат низ огромниот регион Нордланд, кој се протега на околу 800 километри.
И таму, неверојатната убавина на арктичката природа е една од главните атракции за кои организаторите се надеваат дека ќе привлече половина милион посетители во 2024 година. Затоа и односот кон природата и одржливоста е еден од главните мотиви и Боде сака да биде „најодржливата“ културна престолнина досега.

„Bodø2024“ е најголемиот културен настан кој некогаш бил организиран во тој дел на Норвешка. Така, културата на Сами, домородно население во областа, ќе има посебно место, но тоа е исто и култура на денешницата.

Така, веќе на отворањето на 3 февруари ќе се приреди спектакл на пловечка сцена во пристаништето на Боде, а посебна манифестација ќе се одржи на 22 јуни, на денот кој нема ноќ толку далеку на север.

Специјални манифестации на светла ќе бидат организирани наредните ноември и декември, кога сонцето речиси воопшто не изгрева.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Бетина Бауман

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content