СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Света Божествена Литургија во Стара црква на денешниот голем празник

Во Првата сабота од Великиот пост, посветена на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Кирил Павлевски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев и ѓаконот Александар Петковски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.

После Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Овој род, зол и прељубодеен, само со пост и молитва може да се истера!“ (сп. Марко, 9, 29), вели Спасителот наш Господ Исус Христос, браќа и сестри, а родот зол и прељубодеен, е всушност сатаната со неговите ангели (демоните).

Родот зол и прељубодеен, кој е богоборен и човекоубиец од искони т.е. од почетокот, е најголемата опасност на човечкиот род, на спасението на луѓето, па токму затоа Спасителот наш Господ Исус Христос, укажува дека ние, ако сакаме да го наследиме Царството Небесно, треба најнапред да се ослободиме од тој зол и прељубодеен род, односно од сатаната и неговите демони, кои влијаат и делуваат врз нас, преку мислите и помислите што ни доаѓаат нам во умот.

Ние, браќа и сестри, сè додека не сме ги прифатиме мислите и помислите, не сме направиле грев со мисла и помисла, но во оној момент кога ќе ја прифатиме грешната мисла или помисла и почнеме со неа да се занимаваме, со неа да разговараме, за неа да размислуваме, ние тогаш веќе сме направиле грев со мисла и помисла, а потоа доаѓа фантазијата, кога почнуваме да фантазираме и на тој начин се ставаме во уште поголема грешна состојба.

Грешните мисли и помисли, не се задржуваат и не остануваат во умот, туку тие тежнеат што побргу да се симнат во срцето, а кога ќе се симнат од умот во срцето, стануваат грешни желби, грешни похоти, грешни страсти, грешни чувства, кои не завршуваат така, туку подоцна стануваат и грешни дела и грешни постапки.

Токму затоа, ние треба да се бориме против тие грешни мисли, помисли, фантазии, чувства, страсти, похоти, грешните постапки и грешните дела.

Браќа и сестри, за да се бориме со овие грешни дела, ние треба да бидеме будни и трезвени во нашиот живот, во нашето однесување и во нашите постапки. Па затоа во оваа прва седмица од Велигденскиот пост, ние на повечеријата, кога ги читавме и пеевме икосите од Канонот на Свети Андреј Критски, кој е големиот подвижник и учител на Црквата од Крит, во шестата песна од Канонот, имаме кондак, кој гласи вака: „Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и сè исполнува“.

Овој кондак нè упатува на тоа дека ние, браќа и сестри, не сме само тела, туку сме и души, односно човекот е дихотомично суштество, составено од душа и од тело. Душата има предност над телото, односно душата е во телото и таа е насекаде во телото, но најприсутна е во умот, срцето и чувствата.

Токму, кога ние ќе се оддадеме на грешен живот, кога ќе почнеме грешно и недостојно да живееме, тоа значи дека нашата душа заспала. Тоа е исто, како кога телото ќе го премориме со разни наши постапки, со премногу јадење или со премногу работа, па тоа веднаш има потреба од одмор и заспива, така и душата, кога ќе се оддадеме на грешен и нечесен живот, на кавги, расправии, клевети, злоба, омраза, одмазди и недобри работи, тогаш душата веќе станува роб на гревовите и таа е заспана за чесен, достоинствен и одговорен живот, за живот во согласност со учењето на нашата Света Православна Црква, живот во согласност со Светото Писмо, со Светото Евангелие, со Светото Предание, со учењето на нашата Света Црква и учењето на Светите Отци на Православната Црква. Токму затоа, потребно е да се пробуди душата и токму затоа овој голем подвижник на Црквата Христова, Светиот Андреј Критски, вика на силен глас: „Душо моја, душо моја, стани зошто спиеш!“

Како се буди душата, браќа и сестри? Душата се буди на тој начин што ние ќе почнеме сериозни да размислуваме за нашиот живот, односно за сè она што ни се случува, за нашите постапки, за маките и страдањата што ги доживуваме во овој свет, а за тоа е кажано од Светите Отци дека страдањата, маките, болестите и сите незгоди во животот, ни се случуваат како последици на нашите гревови. Па така, човекот треба да размисли сериозно за неговиот живот, односно да се покае за гревовите, а за тоа ни кажуваат уште и најзначајните личности во Стариот и Новиот Завет.

Имено, во Стариот Завет, заради гревовните состојби, Господ испраќал пророци, патријарси и други луѓе, за да ги поттикнат на покајание оние што грешат, зашто доколку тие не се свестат и не се покајат за своите гревови, тие тогаш ќе загинат.

Не случајно Господ на нашите прародители Адам и Ева во рајот, уште пред да згрешат им дал заповед да постат. Заповедта за пост во Стариот Завет се состоела во наредбата да не јадат од забранетиот плод, бидејќи Господ им рекол дека во кој ден ќе вкусат, ќе умрат. Нашите прародители Адам и Ева, кога згрешиле, прво умреле духовно, а потоа, по извесни години дошла и телесната смрт, како последица на гревот. Светиот апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние како негови потомци грешиме и умираме“, но Вториот Адам, Христос нашиот Бог и Спасител, дојде во светот токму за да го подигне паднатиот Адам (човештвото), да го повика на покајание за да се спаси. Па така, преку Христа Вториот Адам, ние се спасуваме.

Во Стариот Завет, грешниците, браќа и сестри, биле повикувани на покајание. Да си спомнеме како Ниневјаните били повикани да се покајат, односно четириесет илјаден град бил повикан на покајание и постел заедно со нивната стока, и Господ им ги простил гревовите, а градот бил спасен.

Во Стариот Завет и Ное, нашиот прадедо, ги повикувал луѓето на покајание во целиот тогашен свет, но тие не верувале во тоа, па затоа дошол потопот и го уништил целиот свет во тоа време, а единствено (верен на Бога) останал само Ное со неговото семејство. Бродот или коработ што се запрел на планината Арарат, е сведоштво за тој општ потоп што настанал во светот.

Поради гревовната состојба на градовите Содома и Госмора, и Лот повикувал на покајание и го молел Господа, Господи да не ги уништува Содом и Гомор, ако во нив има сто праведници, а Господ му рекол: „нема да ги уништам, ако во нив има педесет праведници, а потоа и педесет“. Господ, браќа и сестри, рекол дека нема да ги уништи тие градови, ако во нив има дури и десет праведници, но во нив немало ни десетмина праведници, па затоа биле уништени Содома и Гомора, каде што денеска во Израел се наоѓа Мртвото Море, како сведоштво на тие некогашни градови, во кое ништо не живее.

На покајание повикувал и Свети Јован Претеча и Крстител, со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2), и вели дека ако не се покајат луѓето, „тогаш секирата е при коренот на дрвото, и секое дрво кое не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (сп. Мат. 3, 10), односно секој човек што не прави добри дела, ќе биде фрлен во вечниот оган, огнената геена, каде што ќе биде вечно страдања, не само телесно, туку уште пострашно, и духовно страдање.

Токму со овие зборови и Спасителот наш Господи Исус Христос повикува: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17). Ете, некои се покајале и се спасиле, а тие што не се покајале, не се спасиле.

Покајанието, браќа и сестри, се состои во следното: да почнеме да копаме во нашиот живот, од детството, па сè до последниот ден од животот, барајќи ги сите грешки и гревови што сме им ги направиле, на родителите, на браќата и сестрите, на пријателите, на учителите и на сите оние на кои сме им згрешиле, ние треба од нив да побараме прошка за направените гревови, но и секој што ќе побара прошка од нас, да му простиме. Ние треба да им простиме не само на оние што ги знаеме и познаваме, што ни се пријатели и роднини, туку и на непријателите, зашто Христос од Крстот се молел за прошка на гревовите на непријателите, за оние што го распнале со зборовите: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Ете, така треба да биде покајанието, односно да биде од длабочината на душата и срцето. Ако ние некому нешто сте му простиле, ние тоа никогаш повеќе не треба да го спомнувате дека сте направиле големо дело, зашто Господ ни рекол дека треба да ја читаме молитвата „Отче наш“, во која ние велиме „прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (сп. Мат. 6, 12). Секој оној што нема да им прости на другите и нему нема да му бидат простени гревовите.

Браќа и сестри, покрај постот, кој како што кажавме не е само телесен, односно не се состои само од воздржување од телесна храна и жестоки пијалаци, туку е пред сè духовен, а духовниот пост, кажавме дека се состои да се воздржуваме, да не клеветиме, да не лажеме, да не крадеме, да не бидеме мрзеливи, туку да бидеме секогаш чесни, достојни, да им помагаме на другите, гладни да нахраниме, жедни да напоиме, необлечени да облечеме, болни и во затвори да посетиме, како што вели Спасителот Господ Исус Христос. Ете, тоа е духовниот пост, па затоа пееме во овие црковни песни во овие Велигденски пости: „браќа да постиме, и телесно, и духовно“.

Ние, треба постојано да се молиме, зашто без молитва ние не можеме да се спасиме. Молитвата и постот се двете крилја, кои човечката душа ја воздигнуваат до небесата. Молитвата се состои во тоа, ние, нашиот ум, постојано да го насочуваме кон Бога. Нашите мисли да бидат насочени кон Бога и Бога да го имаме, и во мислите, и во чувствата, и во желбите, односно да го возљубиме со сета наша душа и со сето наше срце. Токму затоа Господ вели да го возљубиме Господа Бога, „со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја сила и ближниот свој да го сакаме како себеси!“ (сп. Мат. 22, 37).

Ете, токму во тоа се состои молитвата упатена кон Бога, која треба да излегува од длабочината на нашите души и срца. Ние не смееме формално да се молиме или да се молиме само кога ќе имаме маки, потешкотии и страдања, па тогаш набрзина да велиме „ајде Господи, дај ни го ова веднаш“, како Господ да е должен сè што ќе посакаме да ни исполни, а ние ништо да не исполниме (кон Него и ближните).

Господ кажал дека „оној што ги исполнуива Моите Заповеди, тој е оној што Ме љуби“ (сп. Јован 14, 21). Господ вели: „Моја мајка, мои браќа и мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Марко 3, 35). Дали ние ги исполнуваме Божјите Заповеди? Не, браќа и сестри, а ако не ги исполнуваме, тоа значи дека ние не го сакаме Бога и ближниот, а ако не го сакаме ближниот, кого ние го гледаме, тогаш како можеме да го сакаме Бога кого не Го гледаме. Ние прво треба да го сакаме ближниот што го гледаме, а исто така и Бога, зашто од Бога зависи нашето постоење и нашиот живот, бидејќи Господ нè создал, односно од Него сме создадени и пак при Него треба да се вратиме и во Него и со Него да бидеме постојано.

Молитвите, браќа и сестри, треба да бидат прозбени, а прозбена молитва значи кога ние нешто бараме од Бога. Што треба ние да бараме од Бога? Господ вели: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда, а останатото ќе ви се додаде“ (сп. Мат. 6, 33). Значи, ако ние го бараме Царство Небесно, односно живот во Царството Небесно, согласно со учењето на Црквата, исполнувајќи ги Божјите Заповеди и правдата Негова тука на земјата, тогаш ние не треба да се грижиме, што ќе јадеме и што ќе пиеме, бидејќи Господ вели: „Зар не гледате, птиците небесни; тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, па Господ сепак нив ги храни“ (сп. Мат. 6, 26). Колку повеќе за нас маловерните, Бог се грижи и нè храни?

Ние токму така и треба да постапуваме, односно да не се грижиме многу за материјалните и земните работи, бидејќи тие нам ќе ни се дадат, но најповеќе треба да се грижиме за спасението на нашите души.

Во молитвите и прозбите, покрај она што го бараме, а рековме дека треба да го бараме Царството Небесно и Неговата правда, ние, исто така, треба да Му благодариме на Бога за сè што ни дал, а ни дал сè. На многумина или на поглем дел од нас, Он ни дал здравје, ни дал ум, ни дал очи, ни дал уши, ни дал раце и нозе, ни дал можност да живееме и да работиме. Господ на многумина им дал деца, внуци и правнуци, но прашањето е како ги воспитуваме децата, внуците и правнуците. Браќа и сестри, исто така треба да се запрашаме, зошто имаме незгоди во семејствата и зошто ни се случува сето тоа? Тоа ни се случува, бидејќи ние не живееме во согласност со Светото Писмо, со Светото Предание, со учењето на нашата Света Црква и со учењето на Светите Отци.

Исто така, ние треба во молитвите да дадеме и принос. Ние на Божествената Литургија пееме: „Твоја од Твоих“, кога тука на Светиот Престол, (ние) Го подигнуваме Лебот, Кој станува Тело Христово. Исто така и Чашата или Путирот со благословеното Вино, што на Канонот на Евхаристијата ќе стане Крв Христова. Ние велиме „Твоја од Твоих“, односно „од Твоите Дарови што Ти си ни ги дал, Лебот и Виното, Тебе Ти ги принесуваме“, а Господ ги благословува и ги претвора, Лебот, во Негово Тело, а Виното, во Крв Негова.

Ние, ако пристапиме подготвени и се причестиме, во себе, во нашите души и тела, го примаме Христа нашиот Бог и Спасител. Што значи приносот, е исто така многу важна работа, бидејќи Литургијата е всушност општа служба, која му се принесува на Бога, од приносот што Господ ни го дал, а ние Нему Му го принесуваме.

А ние, браќа и сестри, што уште треба да принесеме? Ние треба на Бога да му ги принесеме нашите души и тела, зашто Господ вели преку устата на Светиот апостол Павле „Не знаете ли дека вашите тела се храмови на Светиот Дух? (сп. !. Кор. 6, 19)“ Што значи, телата наши не треба да бидат нешто друго, туку треба да бидат храмови на Светиот Дух. Ако ние ги очистиме телата и душите од гревовната состојба и од нашите гревови, тогаш ги подготвуваме да бидат садови и храмови на Светиот Дух ( тоа е најголемиот принос на Бога).

Ете, токму тоа е потребно и така во овие Велигденски пости, човекот треба да се подготвува, да го прими Светиот Дух, откако преку покајание, пост, молитви и правење добри дела и милостина, телото и душата своја ги очисти, за да го прими Телото на Христа нашиот Бог и Спасител и Неговата Света Крв, а тоа е Причесната.

Затоа, браќа и сестри, вие што денеска ќе се причестите, не заборавајте дека причесната ви се дава, не за тоа од денес или од утре одма да почните да мрсите, не дај Боже, тоа е најголем грев, кога човек ќе го прекрши Велигденскиот пост, а се причестил. Свети Климент нашиот патрон вели: „Немојте да бидете како кучињата, кои се враќаат на блујаниците свои и ги јадат! Немојте да се враќате на старите гревови, откако сте се очистиле од гревовите и сте го примиле Телото Христово!. Немојте вели, да се споредувате со кучињата или со свињите, кои откако се избањале, влегуваат во калта и се кашкаат“.

Затоа, секој што ќе се причести, треба да го продолжи постот, и духовниот, и телесниот, и да се подготвува за најголемиот и најспасоносниот ден, Христовото Воскресение, Велигден, за да го дочека и да го прослав со чиста душа и чисто срце. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content