СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Земјоделие

Тутунарите на протест, откупните пунктови отворени

Тутунарите од Пелагониско денeска два часa од 10 до 12 часот го блокираа магистралниот пат Прилеп-Градско, на излезот од градот.

Oстанувaат на барањата и велат дeкa нема да отстапат од реален откуп, укинување на четвртата класа и реална цeна за врвните берби. Бараат нивниот официјален претставник, Сојузот на земјоделските здруженија, да биде со нив и да ги поддржи.

Флоре Грујевски, тутунопроизводител од Могила, е револтиран од откупувачите, а признава дека првпат министер за земјоделство веднаш се сретнал со нив.

 

Целиот проблем ќе биде решен да отстапат откупувачите од четвртата класа и тогаш просекот ќе биде минимум 180-190 денари и реално да се ценат врвните берби. Му се заблагодаруваме на министерот за земјоделство кој брзо оствари средба со нас. Откупувачите го излажаа, прво министерот, а потоа и нас. Бараме и нашиот официјален претставник од Сојузот на земјоделските здруженија Менде Стомнароски да дојде и да биде со нас, изјави Грујевски.

Од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ бараат под итно да се дадат гаранции дека сите пунктови и кај сите откупувачи ќе се откупува реално тутунот.

Под итно да се дадат гаранции, тоа да го направи државата. Секаде, на сите пунктови и кај сите откупувачи во земјава исто да се цени тутунот, реално. И тоа веднаш, зашто ова може да излезе од контрола и да се создадат ковид-кластери. Затоа е важно решение веднаш. Нема да отстапиме и ќе одиме до крај да се реши маката на тутунарите, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор.

По синоќешниот состанок во Прилеп со министерот за земјоделство, тутунарите останаа на ставот да протестираат, а од друга страна, да продолжи откупот на тутунот. Ќе се прави неделен пресек на текот на откупната кампања и на постигнатата просечна цена. Денеска се отворени сите откупни пунктови во Прилеп. Досега во државава се преземени само три проценти од родот. Речиси две третини е во Пелагонискиот регион.

Незадоволни од откупните цени и проценката на тутунот денеска тутунари од селата Градашорци и Ангелци со мирен протест пред откупни пунктови во селата побараа повисоки откупни цени и укинување на четвртата класа.

Тутунопроизводителите реагираат на зголемените одбитоци и ценење на тутунот во четврта класа.

Нашиот тутун од село Радичево е квалитетен. Сметам дека треба да биде проценет во втора класа, а на трета и четврта. Ако е гнил нека го проценат како „четворка“. Лани истиот тутун беше „тројка“, а годинава го проценуваат во четврта класа. Ни даваат по 150 денари за еден килограм тутун, колку една кутија цигари. Лани одбитокот беше 3 проценти, годинава е 10 отсто, рече производител на тутун од селото Радичево.

Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево, информира дека заклучно со вчера, кога законски требаше да бидат отворени откупните пунктови, во Струмичкиот регион се отворени сите, а четири компании годинава вршат откуп на тутунот.

Според него, квалитетот на тутунот е послаб квалитет од лани, а тутунарите, покрај ниските откупни цени, се незадоволни и од работата на поверениците, кои не ги штителе нивните интереси.

Годинава компаниите и тутунопроизводителите склучија договори за откуп на 23 милиони килограми тутун, што е за околу 3 милиони килограми помалку од лани. Според откупувачите тоа се должи на залихите кои ги имаат од лани и помалата побарувачка на пазарот.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content