СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Сопранот Ана Митоска со концерт ќе ја одбележи својата 10 годишна кариера

На 6 ноември 2020 (петок) од 19.00 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ според сите протоколи ќе се одржи концерт на Ана Митоска – сопран, во придружба на гитара на Илија Чакароски. Со концертот сопранот Ана Митоска ќе одбележи 10 години солистичка кариера.

Ќе бидат изведени дела Џ. Дауланд, Х.Перол, Џ. Качини, Б. Строци, Џ. Фрескобалди, А. Вивалди…
Репертоарот се базира врз дела кои оригинално биле напишани во шифриран бас, каде во инструменталната делница, врз база на многу малку постоечки тонови со додадени шифри т.е. бројки напишани под нив, се очекувало од изведувачите да импровизираат и на тој начин им се давал степен на слобода сами да го „довршат“ делото, во согласност со добриот вкус, способностите и талентот….

На концертот, во изведба на сопранот во придружба на современа класична гитара, композициите ќе добијат нова димензија, аранжирани и интерпретирани со особено внимание и љубов да се запази стилот и карактерот на специфичниот репертоар. Освен вокално инструментални композиции ќе бидат исполнети и препознатливи бисери на класичната музика напишани за соло гитара.

 

Биографија

Ана Митоска – сопран, дипломира соло пеење на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска. Бележи настапи во Македонија, Италија, Бугарија и Хрватска. Како солист има остварено соработки со повеќе македонски и европски ансамбли, диригенти и инструменталисти. Работи над една деценија во Македонска опера и балет, настапувајќи на манифестации како Мајски оперски вечери, Охридско и Скопско лето, како и во редовниот репертоар на Операта, во која бележи и концертни солистички настапи со хорот и оркестарот на МОБ. На ова работно место има прилика да работи со врвни имиња на режисери, солисти и диригенти од светската класична музичка сцена. Од 2018 година работи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп како стручен соработник за музичко – сценска дејност, каде продолжува со активност како солист, музички соработник на активните ансамбли кои работат под покровителство на Центарот, како и музички соработник во НТ „Војдан Чернодрински“, а го збогатува квалитетот на програмата на Центарот и со свои солистички проекти, гостувања и соработки. Учесник е на повеќе мастеркласеви за класично пеење низ Европа: Македонија, Шпанија, Италија, Бугарија. Нејзиниот разновиден и несекојдневен репертоар се протега од раната класична музика и почетоците на белканто стилот, музиката на барокот, ренесансата, наназад преку старите стилови на пеење како средновековна западноевропска литургиска музика, музика на трубадурите, источно црковни (византиски) напеви, традиционална македонска музика и музика од светот, кон ангажмани како вокален солист во театарска и филмска музика. Носител е на неколку проекти како солист и идеен автор, меѓу кои може да се издвои перформансот „Сонувања за заборавеното“ од 2018г. Дел е од уметничката екипа во претставата „Глембаеви“, и македонско – хрватската копродукција „Glembajevi, jos jedna legenda“ на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, со која гостува во Загреб во ноември 2019. Својата вокална техника и интерпретација ги усовршува со Ема Киркби, Руди Парк, Бенџамин Бегби, Ана Дурловски, Катарина Ливјаниќ, Михаило Арсенски, Билјана Јакимовска- Јовановска, Јосиф Герџиков.

Биографија

Илија Чакароски – кратка биографија Илија Чакароски, дипломиран гитарист, е еден од најактивните музичари на сцената во Прилеп и во другите градови низ земјата. Роден е на 04.08.1985г. во Прилеп. Почнал со музичко образование во основното музичко училиште во Прилеп по предметот пијано каде и го завршил 6 годишното школување на овој инструмент. За време на школувањето учествувал на повеќе државни натпревари и освоил повеќе надради. Завршил музичка академија во Софија – Република Бугарија на Националната музичка академија „Панчо Владигеров”- отсек гитара, во класата на професор Цветан Недјалков – еден од најпознатите гитаристи во Бугарија и пошироко на балканот. Моментално работи како професор по гитара во основно музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ Прилеп. Поседува долгогодишно педагошко работно искуство, учествувал на многу семинари, работилници, како и селекција и утврдување на програми за реализација на школувањето по предметот гитара. Неговите ученици бележат многу бројни награди на државно ниво и имаат освоено повеќе први места. Членува во неколку бендови: Vinyl Bandits, Hypnotic Wave и др. каде се јавува и како композитор на своја авторска музика (Сенка – Vinyl Bandits и неиздадени инструментални дела од Hypnotic) Соработува со музичари од различни жанрови, еден од нив е вокалот Добрила Грашеска од Чалгија Саунд Систем, со која настапува на манифестацијата „Јавен Простор – Прилеп“, со програма на македонски евергрини. Класичната акустична гитара е еден од жанровите кон кои Илија Чакароски се насочува со голема љубов и перфекционизам и се труди да ја долови убавината на класичната литература напишана за овој инструмент. Има изведувано дела од повеке периоди: Ренесансата, Барокот, Класицизмот и Романтизмот.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content