„Скопје во пет и седумнаесет“ – дводневна програма по повод 60 години од скопскиот земјотрес

33

Програмата утре, на датумот од земјотресот, ќе се реализира на повеќе локации низ главниот град, а ќе почне вечер со концерт од 21 часот во паркот „Ибни Пајко“.

На концертот ќе настапат Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Светлана Јовановска и Џон Илија Апелгрин.

-Скопјани и сите љубители на македонските евергрин композиции ќе се потсетат на најубавите песни и стихови посветени и на градот бидејќи: „Таму крај Вардар свои води точи и лично Водно шири свој мил лик, таму е Скопје, град мој убав личен што ми расцуте сни“, соопшти Министертсвото за култура

Програмата утре ќе продолжи во Музејот на современата уметност каде ќе биде отворена дигиталната изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 1950-тите години. Изложбата во МСУ утре ќе може да се посети од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.

Видеоматеријалот содржи над 300 фотографии и документи за денот на земјотресот и за сите случувања до крајот на годината – доаѓањето на армијата, обновата на градот со донации од југословенските републики и од целиот свет, деновите на солидарноста и сите официјални посети на државни претставници.

Кон одбележувањето на 60-годишнината ќе се приклучи и Кинотеката каде што утре од 18 часот ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје, а од 20 часот и премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли.

Во рамки на програмата „Скопје во пет и седумнаесет“, утревечер во 20 часот, во Шалтер салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање.

-Во партнерство со „Телеком“, дел од видеоинсертите од филмски журнали на „Филмски новости“ утре ќе одат и на видеоѕидот на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“. Филмовите ќе имаат проекција и на видеоѕидот кај Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, а во трговскиот центар „Ист гејт“ во текот на целиот ден. Видеоинсертите ќе бидат прикажани и во МСУ, информира Министерството.

Во Музејот на Град Скопје, кој е еден од највпечатливите потсетници за скопскиот земјотрес, утре ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија –„Зборувај за Скопје“, кој содржи: ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје. Изложбата ќе биде отворена на 26, 27 и 28 јули.

-Повозрасните ќе се потсетат на минатиот век, а помладите на уникатен начин ќе се запознаат со животот на старо Скопје, соопшти Министерството за култура кое со Владата го организира дводневниот настан „Скопје во пет и седумнаесет“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content