Но, нивната сезона е кратка и брзо презреваат. Сепак, можете да ги искористите максимално или да ги сочувате за периодот кога ќе ги нема.
Летото е годишен период кога можете да се простите од вишокот килограми благодарение на црешите. Заменете ги десертите од тесто, крофнички, кифлички со мармалад и дебели палачинки со цреши и резултатот нема да изостане.
Тие се корисни за здравјето благодарение на својот состав – вода, белковини, јаглехидрати, незаситени масти, органски киселини и диетални влакна. Покрај тоа содржат многу витамини А, б1, Б2, Ц, Е, ПП како и важни микроелементи: железо, калиум, калциум, магнезиум, натриум и фосфор.
Калоричноста на црешите е ниска, одвај педесет и две калории на 100 грама овошје. Треба да ги консумирате црешите ако страдате од гастритис и од зголемени стомачни киселини. Исто така, корисни се при болести на зглобовите како артритис, гихт и ревматизам.
Црешите даваат чувство на ситост, а не го полнат организмот со калории, го подобруваат метаболизмот, работата на црниот дроб и бубрезите, поради што се одлична диететска храна. Тие имаат и аналгетски ефект, ги зајакнуваат крвните садови, го намалуваат холестеролот, го спречуваат згрутчувањето на крвта и чуваат од формирање тромбови.
Поради сите овие корисни својства, најдобро е да ги јадете црешите свежи кога ги има во изобилство, но добар ефект има и свежиот сок од цреши, кој се приготвува секое утро и се пие трипати на ден пред оброците. За во зима добар избор е компот или сируп од цреши.
Ако немате можност да ги берете свежи плодовите, кога ги купувате црешите на пазар, обрнете внимание на неколку работи. Прво, кората треба да биде сјајна и свежа. Да не е збрчкана, мека и да нема оштетувања. Лесно притиснете со прстите, да почувствувате дали плодот е цврст. Имајте на ум дека постојат и различни видови така што некои плодови може да се помеки, но не значи дека се стари.
Исто така погледнете ја дршката, ако се тука набрани, тоа е показател дека не се свежи. Друг показател е бојата на дршката, која кај свежите плодови треба да биде зелена и да не е сува.
Правилно складирајте ги за во зима
Набраните или купени плодови треба да ги чувате дома без да имаат допир со директна сончева светлина, на ладно, освен ако не ги сушите.
Никако не треба да се чуваат на место кое е изложено на голема количина сончева светлина. За да ви траат подолго, треба да ги изладите. Најдобро е да ги ставите во пластична кутија и во фрижидер, така ќе ви траат 3-5 дена, дури до една недела. Ако ги чувате на собна температура, треба да ги изедете најмногу за два дена. Чувајте ги одделно од други јадења, затоа што ја впиваат аромата од другите јадења. Ако се во фрижидер проверете дали амбалажата им е добро затворена.
Замрзнувањето е метод што ќе ви овозможи подолго да ја сочувате свежината и вкусот на црешите. Треба да решите дали ќе ги чувате со семки или без. Исчистените плодови наредете ги на еден слој хартија за печење, ставете ги во фрижидер и потоа нека стојат во замрзнувач еден час. Извадете ги и ставете ги во ќеси. Најважно е да бидат плодовите цврсти затоа што при ставање во ќесите, ќе треба да го истиснете воздухот и да не ги смачкате.
Уште една опција за чување е сушење на плодовите. Тоа се прави во рерна загреана на 74 степени Целзиусови. Се редат чистените измиени и од вода исушени плодови во плех на хартија за печење, оддалечени до еден сантиметар. Пред да го ставите плехот, намалете ја температурата на 57 степени и ќе оставите да се сушат шест часа. На крај ќе имаат облик на суво грозје и тогаш се готови. Откако ќе се изладат, складирајте ги во замрзнувач. Некои се решаваат да ги сушат на сонце, што се прави на место со добра сончева светлина 2-5 дена.