СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Доделени наградите на 57-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп

Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансов на годинешниов фестивал. Се надевам дека ви беше на сите убаво и дека се почувствувавте добредојдени. Ќе ми простите за сите ненамерни грешки имајте ја предвид големата слика, а тоа е успешен фестивал. Се надевам дека ќе имате разбирање дека оваа работа ја учам и дека од срце сакам, навистина, Прилеп да е град театар! – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ синоќа на доделувањето на наградите на 57. издание во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

-Во моменот кога го замислив фестивалов, знаев дека сама нема да можам да го реализирам, за тоа му благодарам на целиот колектив од Центарот, на сите волонтери и пред сè на мојот одличен тим, без кој овој фестивал немаше да биде ова што го гледавте претходниве денови низ Прилеп. Министерство за култура, Град Прилеп, сите општествено-одговорни компании, драги пријатели и соработници на фестивалов, моево благодарам не е само збор изговорен пред многу луѓе, туку е емоција од срцево што ја носам до сите вас! Како што еднаш рече еден од најзначајните театарски уметници кој не е повеќе меѓу нас: „Јас сум со своите избори во мир, мирно спие волкот во себе”. Мене ми е важно да го славиме театарот и пред сè, нашата заедничка креативна работа. Ние не застануваме тука, моја цел е фестивалот да живее секој ден, секоја недела, секој месец, цела година! – истакна Стојаноска.

За наградите одлучуваше меѓународното жири во состав на: Јанко Љумовиќ, претседател, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови.
Радосни, емотивни и благодарни беа сите наградени театарски уметници кои дојдоа во Прилеп по своите признанија. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби актерот Дамјан Цветановски, кој ја доби наградата за машка улога за ликот на Кристофер во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар.

Цветановски им се заблагодари на фестивалот, на жири комисијата, на неговата матична куќа.

-Им благодарам на целиот тим на Драмски театар што сакавме да направиме нешто значајно и мислам дека во некој дел од тоа успеавме. И благодарам на режисерката Зоја Бузалковска што ми ја даде оваа одговорност и имаше храброст да ми ја укаже оваа прилика и да не се плаши за тоа што ќе направиме заедно. Да се заблагодарам на мајка ми, брат ми и на крајот да му се заблагодарам на човекот кому ја посветувам оваа награда – Владе Цветановски – Каначката, човекот што ме вдахнови со оваа љубов што ја имам за театарот, само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме! – рече Цветановски.

Наградата за најдобро остварување на фестивалот ја доби Народниот театар од Битола за „My Name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват. Наградата ја прими Иван Јерчиќ, актер и директор на театарот.

-Ви благодарам за сите. Во Битола многу сакаме награди, се трудиме и работиме многу. Благодарам на жирито, кое беше составено од вистински театарски „тешкаши“ во вистинска смисла на зборот кое ја препозна идејата дека ние сакаме да работиме современ театар што ќе кореспондира со денешницата, ќе биде свеж, ќе поставува прашања – рече Јерчиќ.

За истата претстава, актерката Илина Чоревска ја доби наградата за најдобра женска улога за ликот на Медеја.

-Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата која доаѓа во мој тежок животен период – рече Чоревска.

Во чест на наградените, Српското народно позозиште од Нови Сад ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

57. издание на фестивалот годинава понуди богата програма со претстави во официјална програма, проследивме пет претстави од независната продукција што игра домашен автор, дипломски претстави, многу разговори, дискусии за претставите, промоции на книги.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content