Ревизорски извештај за регионалниот развој и демографија

26

Скопскиот регион како најразвиен треба да учествува со 7,2 отсто од буџетските средства, додека Североисточниот како најнеразвиен со 17,3 проценти, но Ревизорскиот извештај на тема „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“ нотира дека во Скопскиот регион алоцирани се 26,2 отсто, додека Североисточниот дел добил 8,4 проценти.

Во период од 2019-2021 година од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој алоцирани се средства во вкупен износ од околу девет милијарди денари што претставува 46 отсто од законски утврдениот минимум, а искористени се 83 проценти, односно околу осум милијарди денари. За поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства со најмалку еден процент од БДП, кои за финансирање на проекти се распределуваат по плански региони, согласно Одлука за класификација на планските региони и степенот на развиеност.

Државниот завод за ревизија забележува дека Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија 2021-2031 е донесена со задоцнување, врз основа на процена за населението, која отстапува од резултатите од Пописот.

Слабости се утврдуваат и во нецелосна функционалност на Системот за регионален развој (СиРеРа) – софтверска платформа која дава можност за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето за политика за поттикнување на рамномерен регионален развој.

Од Државен завод за ревизија посочуваат дека природниот раст на населението од 2010 година континуирано бележи намалување односно од 2,5 проценти истиот во 2021 година има негативен напредок со-5,4 отсто. Тренд на намалување на стапката на природен прираст бележат сите региони, а најниска во Источна и Пелагонискиот регион.

Ваквата состојба се надополнува и со резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, кои покажуваат дека два региона (Вардарски и Југоисточен) не го задоволуваат критериумот за минимален број на население според Номенклатура на територијални единици за статистика (НТЕС) од 150.000 жители, а Источниот регион е на граница на утврдениот минимум, се вели во извештајот.

ДЗР забележува дека во последните десет години надворешните миграции имаат негативно салдо, а најмногу регистрирани иселеници има во Југозападниот, Вардарскиот и Полошкиот регион.

Трендот на миграции на населението од селата доведува до нивно напуштање. Според резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, во државата има 205 испразнети населени места/села и во однос на 2002 година нивниот број е зголемен за 40 отсто, односно уште 58 села останале без ниту еден жител, покажуваат податоците од извештајот.

Во Скопскиот регион се создаваат 43 проценти од вкупниот БДП на државата, осум пати повеќе од Североисточниот регион, кој во вкупниот БДП учествува со само пет отсто и има највисока стапка на невработеност од 32,4 проценти.

Државниот завод за ревизија потенцира дека според извршената ревизија и анализираните индикатори на регионите, реализираните активности и искористените средства за остварување на стратешки цели не постигнале намалување на диспаритетите помеѓу планските региони во државата.

Константните регионални разлики во социо-економскиот развој укажуваат на неефикасно планирање на активностите за ефикасно остварување на политиката за рамномерен регионален развој, за што е потребно ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување за намалување на диспаритетите, зголемена атрактивност на регионите и поквалитетен живот на населението, забележува ДЗР.

Ревизијата на успешност на тема „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“ е вклучена во Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година. Согласно Меморандумот за соработка со ВРИ на Република Србија, оваа ревизија на успешност е спроведена како паралелна ревизија. Со ревизијата е опфатен периодот од 2019 до 2021 година, а дадени се состојби кои се случиле претходно и последователно до денот на ревизијата. Со ревизијата беа опфатени Министерството за локална самоуправа, Центрите за развој на планските региони, Бирото за регионален развој, a податоци беа обезбедени и од Државен завод за статистика.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content