СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Гром пеплоса четири куќи во Прилеп: Нема повредени, ама 7 лица останаа на улица

Удар од гром ноќеска околу полноќ изгоре четири куќи во Прилеп на улицата „Кузман Шапкарев“. Нема повредени, седуммина прилепчани се спасени, но вознемирени и потресени зашто останаа без покрив над главата. Протипожарната единица од Прилеп повикот го примила во 12 минути по полноќ, веднаш пристигнале. Интервенирале  со 10 возила и 17 пожарникари, а спасувале и инвалидизирано лице.

Сопствениците потресено раскажуваат за трагедијата и велат дека животите им ги спасиле соседите кои го виделе громот и пожарот и веднаш реагирале.

Пецо Илиески со својата ќерка Марина потресено велат дека сега не знаат што да прават.

Спиевме и ги слушнавме соседите како викаат да излеземе. Громот удрил на балконот и веднаш ги зафати куќите, сите четири се една до друга. Ако соседот не викаше, живи можевме да изгориме. Сега немаме ништо. Ве молам сите колку што можете да ни помогнете. Изгореното е сето што го имавме, потресено вели Пецо Илиески.

Неговата ќерка Марина речиси расплакано вели дека никогаш нема да ја заборави страшната глетка.

Си дојдов и пред очите гледав само пламен. Мојот дом, моето детство, спомените гореа. Како да ми гореше душата, а тука сите четири семејства сме речиси заедно, секој со својата лична трагедија и досега, кому му умреле блиски, кој е сам. Ова е страшно, вели Марина.

Ивана Ѓорѓиеска, сопственичка на една од изгорените куќи, вели дека морала да ја буди брзо својата мајка.

Порано си легнавме, кога слушнавме брзо почнав да ја будам мајка ми која не се чувствуваше добро. Домот ни е уништен, вели Ивана Ѓорѓиеска.

Жителите нагласуваат дека екипите на ЕВН доцнеле со исклучувањето на струјата за да интервенираат пожарникарите. Командирот на одделение во прилепската противпожарна единица Златко Наумоски вели дека веднаш стигнале, но чекале околу 25 минути за да се исклучи струјата.

Кога стигнавме огнот беше разгорен. Зафатени беа четирите куќи, една до друга. Прво стигнаа две противпожарни возила и вкупно интервениравме со 10 и 17 пожарникари. Постоеше опасност и за друга станбена зграда.  Па, ги чекавме екипите да ја исклучат струјата, околу 25 минути. Се случило и порано да почекуваме. Немаше повредени, но итната помош интервенираше за луѓето да се смират зашто ова е голема трагедија. Помагавме да се евакуира и едно инвалидизирано лице, изјави Наумоски.

Локалната самоуправа најави помош и привремено сместување на луѓето. Апелот за помош на седумте прилепчани кои останаа без домовите е отворен до сите добронамерни граѓани и стопански субјекти и институции. 

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content