СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Пропаѓа огласот за контролори на летање – Данците не ги примиле децата на функционери на ДУИ

Тројцата членови на управниот одбор на МНАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање.

Тројцата членови на управниот одбор на МНАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.

Меѓу најдобрите 8, се и тројца момчиња Албанци, едни од највисокорангираните по поени и тестови. Особено едниот од нив, „згазил“ на тестирањето. Но, тие не се вистинските што требаше да влезат, велат од Синдикатот на контролори на летање.

Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска. Но, откако меѓу тие што ги поминале строгите критериуми не се нашле имињата на „нашите“, особено дека најдобрите три Албанци „се ничии“, раководството на МНАВ се посомневал во компетентноста на Данците. Сега тричлениот одбор бара отчет од Данска зошто отпаднале другите кандидати.

Меѓу тие што отпаднале уште во првиот круг се и три деца на два члена на УО: едно на Селмани и две на Крстевски, велат од Синдикатот на контролорите на летање.

Во овој тренинг-центар, патем, се школуваат стотици контролори на летање од Германија, Холандија и од други европски држави. Истиот дански оператор веќе има исшколувано една генерација македонски обласни контролори на летање.

Избраните кандидати требаше да почнат да се школуваат пред 7 дена, но сега процесот е стопиран.

Со барањето отчет на документ, раководството купува на време, бидејќи на 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот. Ако не постапат Данците по ова барање, да дадат отчет за сите кандидати – зошто отпаднале, колку бодови освоиле, директорот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди вели дека не може да потпише избраните да го почнат школувањето во Данска.

Синдикатот на контролорите на летање и Здружението на контролори на летање кои се усрамени пред лиценцираниот економски оператор од Данска, велат дека тестирањето било под строги правила на Еуроконтрол и дека форсираните деца не успеале ни првата основна скала да ја поминат за понатаму. Загрижени се дека раководството воздухопловната организација ја сфаќа како личен интерес и партиска агенда, а не како професионална и безбедносна институција од која зависат стотици и илјадници животи во сообраќајот на небото над Македонија.

„Не е ова ‘Дурмо турс’ или пожарот во болницата во Тетово за да се забошоти преку судовите. Ова е сериозна и високобезбедносна тема. Ако се случи, не дај боже, авионска несреќа на нашето небо, ќе дојде Еуроконтрол и ќе нè затвори, велат за Сакамдакажам.Мк контролорите на летање. Велат: „ги проколнуваме, ставете си кого сакате во администрација, ама не ги пикајте во контролна кула“.

Треба да бидат избрани најдобрите кандидати за контролори на летање, кои ќе ги спроведуваат авионите над Македонија, и тоа било направено од данскиот тренинг-центар, избран на тендер, како што налагаат правилата на Еуроконтрол. Такви лиценцирани школски тренинг-центри за контролори има и во Шпанија, Србија (Белград) и во уште неколку држави.

Огласот за контролори на летање бил распишан пред два ипол месеца и на него се пријавиле 270 кандидати. Данците направиле претселекција, по која останале 140 кандидати. Кога виделе дека уште од почеток отпаднале деца на високи функционери, на пример на заменикот-министер за внатрешни работи Назим Буши, директорите инсистирале да се вратат 26 од нив.

„Тие се на толку низок степен на познавање, што не можеа да го положат ни првиот дел од FEAST (фис тестот), кој има три дела. Никој од овие 26 вратени не го положи ни првиот дел. Важно, покажавме уште тука несериозност. Каква е таа бројка 26 која директорите извршија притисок кај Данците да ја вратат назад. Меѓу нив беа деца на актуелни високи функционери“, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање.

Тестот е од Еуроконтрол, а спроведен од операторот на најпрофесионално ниво: со камери и надзор кандидатот да не препишува или да не го решава некој друг место него, со набљудувачи од Данска и од Македонија. Сето тоа успешно се спроведе, зашто нема начин да се препише, тврди Тасевски.

Од 166 кандидати, излегле 13. Имале интервју, разговор со данската фирма – кој колку е зрел, психички стабилен, но и дали може да застрани оној кој покажал највисоки резултати и интелигенција. Едниот од нив не го поминал лекарскиот преглед, останале 12 кандидати, објави порталот Сакам да кажам.

Ранг-листата била доставена до директорите да ја потпишат и од тие 12, осуммина најдобри да ги пратат на школување во Данска. Останатите 4, со фис тестот што го имаат положено, да ги викнат в година директно да се вклучат во последната фаза и да се школуваат, бидејќи фалат контролори на летање. МНАВ има проблем со недоволниот број кои работат и повеќе часови поради тоа, дополнително што секоја година по еден од нив отпаѓа на лекарските прегледи.

„Директорите наоѓаат разни причини да не ги пратат овие осуммина кандидати. Данците предупредија дека школувањето нема да заврши во март како што беше планирано во договорот. Осумтемина врвни на тестирањата, веќе требаше да бидат испратени. Во март требаше да бидат вратени тука тие што не паднале во Данска, да го проучуваат нашето небо, условите, да продолжат со обуки, па да вршат тест-проби за контролирање на летови и кога ќе поминат сè, да се пратат на работа под надзор на одговорен инструктор за нив. Сето ова треба да фати 3 години обука“, вели претседателот на синдикатот.

Место ова, директорот Фахрудин Хамиди ја задолжил комисијата во МНАВ за спроведување на огласот, да побараат од Данците детален извештај – зошто ги избрале токму овие 8 кандидати. Тасевски вели ја тераат комисијата да пролонгира, да пропадне овој оглас, за тие да изберат потоа, но без овој фис тест кои нивните и децата од партијата, не може да го поминат.

„Точно е дека се дигна прашина за оваа работа. Не е точно дека сега треба да се пратат на школување овие 8 избрани кандидати. Селекцијата почна во септември место во јуни. Сè се пролонгира за 3 месеци, зашто огласот не беше распишан во април. Нема готова ранг-листа, тие тврдења на Синдикатот и на здружението не се точни. Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие 8 и може да тужи! Не е точно дека ние ќе плаќаме пенали кон операторот, туку тој кон МНАВ. Бараме црно на бело, документ, дека навистина овие момци поминале на тестирањето“, вели директорот на УО на МНАВ Фахрудин Хамиди.

За тоа дали ќе пропадне огласот, вели дека не зависи од него, зависи од Данска дали и кога ќе стигне отчетот пред МНАВ.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content