Промовиран новиот протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки

56

Во Јавната установа „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка во Скопје беше промовиран „Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки“. На настанот присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, претседателката на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија- БАЛАНС МК, Наташа Д. Димитревска, вработени од областа на детската заштита и здравство.

Министерката Тренчевска во своето обраќање до присутните ја потенцираше заложбата на Владата и министерството за труд и социјална политика во обезбедувањето на грижа и услови за правилен раст и развој на секое дете.

„За нас секое дете е важно и секое дете заслужува да има еднаков пристап д ресурси и еднакви можности за напредок. Загрижувачки е податокот дека зачестеноста на дијабетот во светот се зголемува и истражувањата покажуваат дека токму децата се во зголемен ризик од развивање на оваа болест. За жал податоците откриваат и дека дијабетот денес е се повеќе присутен во предучилишна возраст. Оттука и важноста на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки “ наменет за наставниот кадар во градинките и училиштата. Верувам дека Протоколот ќе придонесе за подобра едукација на сите вклучени во процесот на воспитание и образование и ќе упатува за постапување со децата со дијабетес,“ истакна Тренчевска.

Градоначалникот Герасимовски истакна дека Општина Центар со задоволство се приклучува на овој заеднички проект на владиниот и граѓанскиот сектор, наменет за поддршка на децата со дијабетес.

„Пред нас е Протоколот со упатства за наставниот кадар, кој ќе почнува да се применува токму тука, во центарските училишта и градинки. За детскиот дијабетес , кој за жал го има се повеќе, најважна е пред се навремената и соодветна реакција на воспитувачот и наставникот. Затоа сум искрено благодарен на Асоцијацијата за детски дијабетес БАЛАНС МК, која го изработи овој Протокол во соработка со ресорните министерства и кој ќе биде водич за постапување со деца со дијабетес во градинките и училиштата,“ рече Герасимовски.

Претседателката Димитревска, информираше дека во Северна Македонија има околу 130 илјади регистрирани лица со дијабетес, од нив околу 700 деца и адолесценти до 18 години со дијабетес.

„Протоколот е еден вид на едноставно конципиран прирачник кој содржински претставува низа од стручно подготвени упатства за најчестите проблеми и предизвици во кои може да се најде едно дете со дијабетес додека престојува во детската градинка или училиште. Овој Протокол овозможува запознавање на сите чинители во воспитно образовниот процес, со самата состојба со дијабетес Тип 1, со терапевските можности и контролата на гликемијата кај децата со дијабетес и со начините како да се препознае и реагира и помогне при акутни состојби кои дијабетесот може да ги предизвика,“ посочи Димитриевска.

Протоколот е во издание на Асоцијацијата за детски дијабетес – „Баланс мк“, а издаден со поддршка на Министерството за здравство.

Протоколот, всушност, претставува прв стручно изработен и рецензиран протокол за постапување наменет за 700 деца со дијабетес тип 1 во нашата земја коишто редовно посетуваат детски градинки, основни и средни училишта, а бара пошироко институционално имплементирање и прифаќање, велат издавачите.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content