Продолжуваат протестите кај Оревоец во Прилепско против ископот на конзорциумот „Бехтел и Енка“

Жителите на прилепските села Оревоец, Крстец и Плетвар и денеска ги продолжија протестите против ископот на конзорциумот „Бехтел и Енка“ што е непосредно до селото Оревоец.

240

Тие протестираат повеќе од десет дена, а во меѓувреме преку правен застапник доставени се преставки до прилепскиот основен суд за обезбедување докази и до Уставниот суд за преиспитување на уставноста.

Инспекторатот за животна средина направил увид, а жителите не се задоволни од паушалниот пристап во инспекцискиот надзор.

-Вчера, претпоставуваме на барање на ЈП за државни патишта, на увид излегоа двајца инспектори, главниот инспектор на Инспекторатот и инспекторката за животна средина при локалната самоуправа. Длабоко сме разочарани од односот кој го имаше инспекторката и од начинот на постапување, зашто освен паушално фотографирање на механизацијата, ги пропушти сите битни работи кои требаше да ги земе предвид при надзорот, на пример каптажата која е насипана горе на градилиштето. Ги фотографираше само селската чешма, резервоарот. Искажавме дека немаме доверба во нејзиниот надзор. Претпоставуваме дека Јавното претпријатие на ваков начин сака да пронајде алиби за градежните работи кои се извршуваат тука, изјави адвокатот Жаре Стеваноски.

До Уставниот суд е поднесена иницијатива со предлог за изрекување времена мерка за оценка на уставноста на членот 10, став 4 кој предвидува исклучок од правилото дека само врз основа на поднесено барање од ЈП за државни патишта, може да се започне со експлоатација, без притоа да се има предвид дека пред започнување со експлоатација и подготвителни работи, неопходно е да постои една низа на правни документи, објаснува Стеваноски. До Основниот суд во Прилеп е поднесен предлог за обезбедување докази со кои се бара вешти лица од сите области, вклучително од животната средина, градежен инспектор да ја утврдат состојбата на лице место и да ги оценат влијанијата на ваквите градежни активности врз животната средина и населението. Веќе е закажано рочиште на 3 јуни.

Жителите велат дека ќе ги радикализираат протестите. Загрозени се водата за пиење, живеењето и животната средина, особено со ендемскиот вид на една пеперутка.

-Тие велат дека минираат на 700 метри од селото, но минирањето, концесијата им е на околу 200 метри од селските куќи. Јас сум жител на Оревоец и во селото повеќе не се живее. До моментот додека го прекинавме нивниот ископ. Од минирањето испукаа голем дел од куќите. Се загрозува животната средина. Посебно е загрозен еден вид ендемска пеперутка, народно наречена Сивка која е во изумирање. Токму на местото каде се копа вирее пеперутката и не знаеме дали воопшто ќе се појави, вели Рубин Рујаноски, жител на Оревоец.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content