Приватниците со различни толкувања ДАЛИ ЌЕ РАБОТАТ ЗА ИЗБОРИТЕ

49

Владата донесе одлука дека деновите на изборите 24 април и 8 мај да бидат неработни за сите, но има разни толкувања. Трудовата инспекција не може да казнува или затвора објекти. Овие два неработни денови не се утврдени со Законот за празници туку со владина одлука, па оттука инспекторите не можат да постапуваат. Тоа значи дека приватните фирми или компании можат да работат ако сакаат, не треба да им даваат празнична дневница на вработените и не може заработат казна, ама и вработените не мора да доаѓаат оти се заштитени со одлука на Владата.

Оваа одлука е спротивна од онаа која Министерството за труд и социјална поликата ја доставила до Влада со предлог да биде усвоена. Во одлуката на Министерството стои дека ‘се препорачува‘ 24 април и 8 мај да бидат неработни денови. Но, во владината одлука делот ‘се препорачува‘ се брише.

Голем број приватни компании денеска се затекнати од одлуката на Владата и не знаат дали смеат да работат, како да ги пресметаат дневниците, па постојано вртат во Трудовата инспекција и бараат одговори. Арно ама, со одлука на Владата и трудовите инспектори не треба да одат на работа.

Директорката на Трудовата инспекција Весна Томоска потврдува дека голем број фирми бараат објаснување дали смеат да работат или не. Вели дека во наредните денови ќе се координираат со надлежните институции како да постапуваат инспекторите.

„Со одлуката на Влада 24 април и 8 мај се неработни денови за сите граѓани и не треба да работат. Ние како Трудова инспекција не можеме да казнуваме оти не станува збор за неработни денови утврдени со Законот за празници. Ќе чекаме насоки од надлежното Министерство за труд и социјална политика како да постапуваме“, вели Томоска.

Оваа владина одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Македонија.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content