Прва промоција на сирење од автохтоната раса „праменка овчеполка“

69

Досега ваква промоција, на сирење од „праменка овчеполка“, беше организирана во Бјеловар, Мостар и Горна Радгоња.

-Ова е традиционално овчо сирење кое засега, се уште не можеме официјално да го продаваме зашто немаме употребни дозволи. Мерка за мандри има, веќе поднесовме за осум фарми, сите ни се одобрени и очекуваме да склучиме договор. Досега производството се продаваше „нелегално“, преку пријатели, од фарма до трпеза. Следната година планираме да го брендираме сирењето или да го регистрираме со географска одредница. Тоа веќе го направивме со јагнето, изјави за МИА претседателот на Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка овчеполка“ од Крива Паланка, Моме Младеновски.

Според него, сирењето од „праменка овчеполка“ се произведува повеќе од 2 000 – 3 000 години.

-Кај нас, на овие простори, „праменката“ се спомнува уште од времето на Илирите. Расата пред 15 години беше пред истребување, но ние од 200 јагниња сега имаме  8 000 – 9 000 уматичени овци, а покачена е и млечноста од 30 на 70 – 80 литри млеко по грло во време на лактација, објасни Младеновски.

Производството на сирење денес е од 12 до 18 килограми по овца и варира од фарма до фарма, а цената се движи меѓу 400 и 600 денари. Генерално, за производство на еден килограм сирење во просек се потребни 3,3 литри овчо млеко.

-Ако имаме околу 8 000 овци, значи дека произведуваме 12 000 канти. Рандманот на сирењето е различен, зависно од периодот на лактација на овците и просечно изнесува 18 – 22 отсто, односно во првиот месец на лактација од четири литри млеко се добива еден килограм сирење, во вториот месец од три литри млеко се добива еден килограм сирење, а во четвртиот од 2,5 литри млеко се добива еден килограм сирење, нагласи Младеновски и најави дека сирењето од „праменка“ годинава ќе биде претставено на меѓународниот саем „Тера Мадре“ во Торино.

Производството се одвива по однапред утврдени технолошки постапки (рецептура) со што се зачувува традиционалниот начин. Квалитетот и стандардот не се унифицирани што резултира со диверзификација на сирењето од фарма до фарма. Од една страна, како што поосчи Младеновски, ова е добро, но од друга, оневозможува организиран, заеднички настап на пазарот.

На промоцијата беше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

-Овие манифестации се одлични. Добро е, посебно во ова време на криза, да ги промовираме нашите домашни, традиционални производи. Сите производители, за да можат да го продаваат својот производ, да дојдат и според Правилникот за флексибилност кој е токму за нив наменет, да се регистрираат како економски оператори и да ја реализираат продажбата „од куќен праг“ што ја промовираме подолго време, а со тоа и потрошувачот да добие гаранција дека производот што го купил е безбеден, изјави Бабовски.

На настанот една маса беше резервирана за овчо сирење од дебарскиот крај кое служеше за споредба со сирењето добиено од „праменка“. Зад тезгата стоеше познатитот и етаблиран производител Скендер Аме од Здружението на сточари Даши од Дебар. Аме се пожали дека бројот на овците во земјава се намалува, а проблемот не е само во државата, туку, како што оцени, и во тоа што младите не сакаат да се занимаваат со сточарство.

-Навистина имаме квалитетно традиционално овчо сирење и вакви манифестации како оваа се добредојдени, посебно за сточарите и потрошувачите. За традиционалното сирење има побарувачка и целата произведена количина се продава во земјава, нема потреба да го извезуваме надвор. Всушност, не можеме да ја задоволиме побарувачката и тука, зашто, за жал, бројот на овци драстично е намален. Неофицијалните бројки се дека во земјава има само 400 000 грла, за разлика од порано кога беа околу два милиона, потенцира Аме.

Според него, субвенциите помагаат, но исплатата доцни.

-Субвенциите не ни се исплаќаат навреме. Син ми се уште нема земено субвенции за 2020 година, а 2021-ва помина и веќе сме 2022 година. Во ова време на голема инфлација, тие пари што ќе ни ги дава државата не покриваат ниту 50 отсто од трошоците. Ако порано сум земал 1 000 евра, тоа сега ќе биде како да сум зел 500 евра. Затоа, ги молам надлежните, што побрзо да ги даваат субвенциите, рече Аме.

Дебарското сирење се уште ја негува дамнешната традиција на производство и далеку е познато по својот квалитет. Од сирењето на „праменката“ се разликува по суровината (млекото).

-Нашите овци пасат најквалитетни билки, од чиста, природна средина, а мајсторите го „чуваат“ и применуваат оној стар начин на преработка. Сепак, производството е веќе намалено за 30 – 40 отсто зашто е намален и бројот на овците, подвлече Аме кој моментно има околу 700 грла или вкупно, заедно своите браќа, одгледува 2 500 овци.

Аме не верува дека стадото ќе се зголемува поради, како што објасни, високите трошоци и немањето работна рака.

Цената на килограм дебарско овчо сирење засега се движи од 300 до 400 денари, а пласманот во најголем дел, поради квалитетот, се реализира во хотелите и рестораните.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content