Православните верници вечерва и утре го слават Свети Наум Охридски – Чудотворец

77

Богослужбата ќе започне во 19 часот, а со неа ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Во манастирот утре ќе се служи и света архиерејска литургија со почеток од девет часот, на која ќе чиноначалствува владиката Тимотеј.

Вообичаено како и секоја година на празникот во манастирскиот комплекс доаѓаат илјадници верници да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, бидејќи се верува дека Свети Наум Охридски имал чудесна моќ на излекување и дека бил голем исцелител. Култот за Свети Наум е силен кај верниците од Охрид и регионот, така што покрај православни верници на празникот на светецот бројни се и гости од странство, како и граѓани од други вероисповести.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на триесетина километри јужно од Охрид на најјужната точка на Охридското Езеро. Главната црква во комплексот е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим.

Светиот просветител Наум ја избрал оваа тивка и благородна околина за свое живеалиште, место од каде што ја развил племенитата мисија за просветување на човекот. Тука е и неговиот гроб, сместен во југоисточниот дел од нартексот.

По повод празникот бродовите „Александрија“ и „Галеб“ вечерва за Свети Наум ќе пловат по половина од редовната цена односно повратен билет ќе чини 300 денари. Поаѓањето е од 19 часот.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content