По две години пауза, ќе продолжи прилепскиот карневал „Прочка”

152

На Велики-Поклади, Прочка, на 6 март, во Прилеп ќе продефилираат карневалските маски на чело со Мечкарите, традиционалната, вековна маска, препознатлива за прилепскиот карневал.

Според условите, Карневалот кој е јубилеенб, по 20-ти пат, ќе се одржи во помал обем, со домашни учесници, објаснува Ванчо Георгиев, претседател на меѓународниот карневал „Прочка”.

– Имавме пауза од две години. Традицијата за „преправање”, маскирање на Прочка е перманентна. Ако и годинава не го организиравме карневалот, полека-полека ќе згаснат традициите за изработката на маски. Ние ќе се потрудиме да се одржи. Секако, не во тој обем како што беше, зашто тешко е да има гости од странство. Оваа година ќе биде, претежно, републички. Ќе имаме гости од земјава и, наши, традиционални маски. Интересно е што бројот на „мечкари” е зголемен. Ќе има поголем број мечкари, бидејќи ние успеавме годинава и лани да купиме дел од опремата. Без разлика на сѐ, тие работат. Лани ги одржаа традициите со посетата на касапските куќи. Годинава ќе настапат според програмата. Мечкарите, традиционално, го отворат Прилепскиот карневал. Има најави дека и младите ќе изработат маски. На Карневалот сакаме да имаме и вип-гости, ќе ги очекуваме, барем по два-тројца претставници. И таму, во соседните земји, ни велат, имаат проблем со потврдите за преминувањето на границите, ама ќе се надеваме, објаснува Георгиев.

Прилепските мечкари се нестрпливи, сакаат да продолжи традицијата. Како што вели Тони Павлески, потпретседател на „Прилепските мечкари”, веќе ги почнаа подготовките.

– Подготовките ги почнавме пред десетина дена, штом ја слушнавме најавата дека ќе се одржува Карневалот. Се надеваме дека меркиве ќе дозволат, а најавата е дека ќе биде со домашни гости. Мораме да ја одржиме традицијата. Лани, и пред тоа, немаше. Без прилепските мечкари, Карневалот не може да се одржи. Традицијата од пред двесте години ќе ја продолжиме. Еве, поради короната, се одложи и поканата за учество во Бугарија. Имаме уште една покана за учество на 25 февруари. Ако дозволуваат услвите ќе учествуваме, ќе ја претставиме традици оналната маска на Мечкарите, вели Павлески.

Според програмата за култура за оваа година што ја усвоија прилепските советници, се враќаат културните манифестации, фестивалите, работилниците, бројните манифестации. Снежана Ристеска, советник за култура во прилепската локална самоуправа вели дека се предвидени сите настани и со буџет од околу 9 милиона денари, Прилеп ја донесе годишната програма за поддршката на манифестациите од културата која предвидува поддршка на бројни настани од културата.

-Продолжува поддршката на фестивалите како што се: МТФ „Војдан Чернодрински”, Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”, Мариовско-мегленските културни средби, Карневалот „Прочка”, Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички”, Пивофестивалот, Џез фестивалот, Културното ументичко лето, фестивалот „Силјан Штркот”, Мелфест, Поетско маркукуле, Денови на Крали Марко, предвидена е помош н концерти на Културноуметнички друштва, перформанси на танцови групи, помош во издаваштвото на прилепски автори, ќе се одвојат средства и за одбележување значајни личности и празници. Програмата предвидува помош на развојот на туризмот со поддршка на значајна билатерална и меѓународна поддршка, различни форуми, на обуки и семинари и креирање стратегијски документ. Се чини дека годинашнава програма за поддршка на настаните од културата, би рекле, ја почнуваме со карневалот Прочка, објаснува Ристеска.

Во програмата е и одржувањето и на Пивофест нбалето, нбо сето, велат од локалната самоуправа, зависи од состојбите со пандемијата, со надеж дека ќе се надминат.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content